Фестивали

Евровизија под прашање: Националните радиодифузери ќе решаваат за учеството на Израел

Националните радиодифузери на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) ќе се состанат на почетокот на ноември за да одлучат дали Израел ќе може да учествува на претстојната Евровизија 2026. Информацијата ја потврди портпаролот за медиумите на ЕБУ, додавајќи дека гласањето ќе биде клучен момент за иднината на фестивалот.

Ситуацијата на Блискиот Исток и зголемените тензии во Газа предизвикаа сериозни реакции во Европа. Неколку земји, меѓу кои Шпанија, Ирска, Словенија и Холандија, веќе јавно изразија сомнеж во прифатливоста на учеството на Израел, а дел од нив дури најавија можен бојкот на натпреварувањето.

„Во контекст на актуелните настани, учеството на Израел би било неприфатливо и спротивно на вредностите што Евровизија треба да ги промовира“, истакнуваат претставници на дел од националните радиодифузери.

Дебатата околу вклучувањето на Израел на Евровизија веќе предизвикува поделби во јавноста. Едни сметаат дека музиката треба да остане надвор од политиката, додека други се повикуваат на морална одговорност и солидарност.

Како и да биде, исходот од гласањето во ноември ќе има големо влијание врз иднината на оваа долгодишна европска традиција. Доколку земјите што се закануваат со бојкот останат цврсти во ставот, натпреварот во 2026 година може да биде одржан во сенка на најголемата политичка криза во историјата на Евровизија.

Можеби ќе ве интересира: