Како што дознава музичкиот портал Музика24.мк, познатиот фолк-пејач Миле Кузмановски на 24-ти декември ќе одржи свечен концерт во Македонската опера и балет (МОБ), со кој ќе ја одбележи својата импресивна 35-годишна музичка кариера.
Пејачот, познат по многубројните хитови и својот препознатлив стил, ќе биде придружуван од камерен оркестар, што на концертот ќе му даде посебен уметнички печат и емоција.
„Времето летна, еве дојдовме до 35 години од мојата песна. На концертот ќе бидат опфатени дел од моите песни, бидејќи досега сум снимил над 130 и невозможно е сите да ги отпеам. Секако дека ќе ги пеам „Не кани ме“, „Крал без круна“ и многу други. Планирам да поканам и гости, но засега не ги откривам – нека бидат изненадување“, изјави Кузмановски за Музика24.мк.
Во изминатите децении, Миле Кузмановски изгради богата дискографија и статус на еден од најистакнатите фолк-уметници во Македонија. Минатата година тој ја промовираше песната „Срце храбро“, дело кое ја врати публиката во духот на староградската и боемска музика, но без користење на традиционални народни инструменти.
Концертот во МОБ ќе биде ретроспектива на неговата музичка кариера, но и емотивна вечер полна со спомени, хитови и изненадувања, достојна на уметник кој повеќе од три децении ја збогатува македонската музичка сцена.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
