Дирекцијата за култура и уметност на Скопје со огромна чест и задоволство најавува дека јубилејното 25-то издание на фестивалот „Есенски музички свечености“ ќе се одржи од 25 октомври до 10 ноември 2025 година. Свеченото отворање ќе се одржи на 25 октомври (сабота) во 20 часот, на сцената на Малата сала на Македонската филхармонија, со концерт на Македонскиот национален џез оркестар насловен „Македонски сновиденија“, под диригентската палка на Владимир Николов.
Билетите за овој извонреден музички настан се веќе достапни преку karti.com.mk.
„Македонски сновиденија“ претставува енергична фузија од македонски фолклор и современ џез, каде што традицијата и модерниот звук се спојуваат во уникатно музичко доживување. Програмата, инспирирана од длабоките културни корени на Македонија, ќе биде прераскажана преку универзалниот јазик на џезот.
Македонскиот национален џез оркестар, основан во 2024 година како национална институција, во кратко време се етаблира како централна сила на домашната џез сцена. Со иновативна програма, врвни музичари и распродадени концерти, оркестарот стана препознатлив национален џез бренд. Меѓу гостите солисти кои досега настапиле со оркестарот се Курт Елинг, Марија Мендеш, Дони МекКаслин, Курт Розенвинкел, Дон Менца, Шеун Кути, Зиги Фајгл, Луис Бониља, Франческо Беарцати и многу други меѓународно признати уметници, кои со своите настапи придонесоа за меѓународниот углед и растечкиот профил на овој оркестар.
Со овој концерт започнува богатата програма на „Есенските музички свечености 2025“, кои во текот на есента ќе го исполнат Скопје со врвна уметничка енергија, музика и инспирација.
