Од вчера вечер на наваму, на социјалните мрежи буквално гори видеото од концертот на српската турбо-фолк ѕвезда Светлана Цеца Ражњатовиќ во Велес кое предизвика вистинска бура од реакции. Во преполната спортска сала „Гемиџии“, Цеца, во еден момент од настапот, се појави завиткана во бугарско знаме. Публиката веднаш реагираше со свирежи, негодување и извиците „УА!“, јасно покажувајќи дека не ѝ е место на таква провокација пред македонската публика.
Под силниот притисок на револтот, Цеца набрзо го отстрани знамето, но штетата веќе беше направена. Видеото од тој момент за кратко време се прошири на сите платформи, а јавноста остро реагира со коментари дека се работи за навредлив и срамен потег.
Како бугарското знаме воопшто се најде во рацете на пејачката сè уште не е познато, но сликите од нејзиното завиткување во него пред македонската публика оставија горчлив вкус и чувство на понижување кај многумина. Наместо вечер на музика и забава, концертот во Велес заврши како скандал што ја разбранува јавноста потсетувајќи дека почитта кон публиката и државата не смее да биде само празен збор.
