Во прв ред

Инцидент на настап на Аца Лукас: Пејачот приведен од настап во Кавадарци – концертот заврши неочекувано

Популарниот српски турбо-фолк изведувач Аца Лукас синоќа доживеа непријатност за време на неговиот настап во познат локал во Кавадарци, каде што атмосферата, која до половина настап била одлична, ненадејно се променила поради интервенција на полицијата.

Како што раскажуваат дел од присутните за ВикиМедиа, настапот бил прекинат околу полноќ во момент кога Лукас пеел.

„Атмосферата беше супер сè додека Лукас не прекина среде песна. Не сфативме веднаш што се случува, но потоа забележавме дека дојдоа полициски службеници. Тој нешто негодуваше, се расправаше и замина со нив“, велат млади луѓе кои биле дел од публиката.

Присутните останале во локалот со надеж дека пејачот ќе се врати на сцената, но откако поминале околу триесет минути, преку микрофон биле информирани дека Лукас е спроведен во полициска станица и дека настапот е завршен. Паралелно со тоа, на социјалните мрежи се појавија видео-снимки на кои јасно се гледа како пејачот, во придружба на полициски службеници, го напушта локалот. На видеата се забележува дека тој им објаснува нешто додека излегуваат од објектот.

Од надлежните институции се очекува официјално соопштение за причините за интервенцијата и деталите околу инцидентот во текот на денот.

Во меѓувреме, останува неизвесно дали случувањата ќе влијаат на долго најавениот голем концерт на Аца Лукас во Скопје, кој треба да се одржи на 20-ти декември во арената „Јане Сандански“. На сцената со него треба да настапат Мира Шкориќ и Мирослав Илиќ, а гости ќе бидат Жаре Бербер и Галама Бенд.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: