Во свечена атмосфера во Македонската опера и балет, на 30 ноември 2025 година беше одржано 26-тото издание на еден од најреномираните фестивали на народната музика во Македонија — Фолк Фест „Роса“. Настанот, кој традиционално го слави македонскиот фолк израз, и годинава привлече големо внимание со 20 нови композиции, премиерно претставени пред публиката.
Иако фестивалот со години е од ревијален карактер, атмосферата беше свечена и исполнета со емоции. Единствените официјални признанија што се доделија беа наградите за „Животно дело“, кои оваа година им припаднаа на тројцата истакнати автори и изведувачи: Григор Копров, Томислав Которчевиќ и Јорданка Смилевска, за нивниот децениски придонес кон македонската музичка сцена.
Публиката присуствуваше на вечер во која традицијата се испреплетуваше со современото. Новите песни, создадени од домашни автори, донесоа свежи етно-звучни елементи и модерни аранжмани, покажувајќи дека македонскиот фолк жанр продолжува да живее, да се развива и да добива нови облици.

На сцената на 26-то издание на „Фолк фест Роса“ публиката уживаше во настапите на бројни истакнати имиња од македонската фолк-сцена, меѓу кои Милица Кузмановска, Стојне Николова, Здраве Мјузик, Методија Столески, Катерина Брезева и Група Соната, Борче Наумовски – Министерот, Лени Партикова, Благоја Грујевски и многу други. Настанот беше збогатен со елегантен визуелен впечаток — пејачките блеснаа во долги тоалети, високи фризури и класични модни комбинации, создавајќи чувство на свеченост и единство, како да следеле заеднички, ненапишан моден код.
„Роса“, која првпат се одржа во 1999 година, низ годините прерасна во една од најважните платформи за афирмација на нови фолк автори и интерпретатори. Годинашното издание уште еднаш потврди дека фестивалот има посебно место во македонската музичка традиција, овозможувајќи му на фолкот да звучи модерно, актуелно и блиску до денешната публика.

Со нови песни, блескави сценски настапи и заслужени признанија, Фолк Фест „Роса 2025“ ја заокружи годината како уште една свечена прослава на македонскиот музички идентитет.
Доколку го пропуштивте годинашното издание на Фолк Фест „Роса“ и не бевте во можност да присуствувате во Македонската опера и балет, имаме добра вест за вас. Јубилејното, 25-то издание на фестивалот ќе биде емитувано на националната телевизија Канал 5, оваа сабота, 6 декември, со почеток во 20:15 часот. Искористете ја шансата да ги проследите новите фолк хитови и атмосферата од една од најпрестижните манифестации на домашната сцена.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
