На 25-ти декември, на католички Божик, Младинскиот културен центар во Скопје повторно стана место каде што се сретнаа минатото, сегашноста и емоцијата. Култната македонска група Меморија се врати токму таму каде што пред повеќе од четири децении ги направи своите први чекори, приредувајќи концертна вечер исполнета со силни спомени, искренa енергија и музика што не познава време. За публиката тоа не беше само концерт, туку живо сведоштво за една богата музичка приказна што и денес продолжува да инспирира, а за нас од Музика24.мк – вистинска привилегија да бидеме дел од момент кој уште долго ќе се прераскажува и пишува историја.

Интимниот концерт во денсинг салата на МКЦ беше вистинско патување низ времето, музичка машина што ја врати публиката во 1983-та година, но и доказ дека песните на „Меморија“ и денес звучат подеднакво искрено и моќно. Симболиката на местото не беше случајна – нивниот прв поголем настап се одржал во некогашниот Дом на млади „25 Мај“, токму на оваа локација.

Концертот започна со првата песна на бендот, „Моја ли си“, во современа техно-поп верзија. Основачот Петар Георгиевски – Камиказа и клавијатуристот Дејан Миноски повторно беа на сцена, а вокалот го презеде Корнелија, сопругата на Миноски (словенка по потекло која без проблем пееше на македонски), која донесе свеж и неочекуван шмек на легендарната нумера.

Еден од најемотивните моменти беше враќањето на тапаните на новинарот и наш колега од Вистина.мк – Антонио Димитриевски, кој по 35 години повторно седна зад инструментот, нагласувајќи дека само „Меморија“ можела да го врати во музиката. По што Антонио Димитриевски се заблагодари и ги фрли палките во публиката. Со посебна почит беше одбележано и сеќавањето на првиот пејач на бендот, покојниот Зоран Илиќ – Зоци, преку песната „Нена“, која публиката ја испеа во еден глас.
На сцената се редеа поранешни и сегашни членови на бендот – постариот брат на Мите Димовски, гитаристот Петар Пеце Димовски и пејачот Драган Драгче Василевски кои за првпат заедно концертно ја свиреа песната „Утра“. А во втората половина од концертот свиреа: Петар Георгиевски-Камиказа, Мите Димовски, Давор Јордановски, Рубин Димковски, и пејачите Апостол Поце Икономов и Ристо Самарџиев. Дел од концертот беа и Димитар Мичо Божиков и Александар Хаџипаунов. Очекувано, публиката најсилно ги пееше хит-баладите „Оган под ѕвездите“, „Зошто Боже“ и „За тебе“, а највесело беше на „Дирлада“. Вистинска парада на музичари кои низ годините биле дел од „Меморија“.

Вкупно 16 музичари кои низ годините биле дел од „Меморија“ настапија на оваа уникатна вечер, потврдувајќи дека овој бенд не е само дел од македонската рок-историја, туку и жива емоција што продолжува да ги поврзува генерациите. Овој концерт ќе биде дел од документарецот кој што членовите на Меморија долго време го подготвуваат, а истиот ќе биде промовиран во текот на следната 2026-та година.
Паралелно со концертот, во МКЦ е поставена и изложбата „Времеплов – од црно-бело во боја“, која ја раскажува приказната на групата од 1983 година до денес – уште еден доказ дека Меморија знае како да го зачува минатото, а да остане присутна во сегашноста.
Ова не беше концерт – ова беше враќање дома.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
