На 27 март со почеток од 20 часот, во салата на Македонската филхармонија ќе се одржи концертот „Миланова игра“, посветен на животот и творештвото на еден од најзначајните македонски инструменталисти и композитори – Милан Завков, првенецот на Националниот ансамбл „Танец“, кој почина на 7 февруари 2023 година.
Концертот има за цел повторно да го доближи богатото музичко наследство на Завков до публиката, овојпат преку современи интерпретации што ја спојуваат традиционалната македонска музика со модерен музички израз. Делата ќе бидат изведени од камерен оркестар, специјално оформен за оваа пригода, а програмата ќе опфати избрани вокални и инструментални композиции од неговиот обемен опус.
Аранжманите се доверени на двајца истакнати македонски музичари и аранжери – Дамир Имери и Дарко Илиевски, кои низ својата визија ќе му дадат ново сценско дишење на дел од безвременските композиции на Завков, со почит кон оригиналот и со современа звучна естетика.
Милан Завков започнал да свири хармоника уште на осумгодишна возраст, а на само четиринаесет години станал член на оркестарот на тогашниот „Млад Танец“, под раководство на Ѓорѓи Димчевски. Неговата музичка едукација продолжила и преку КУД „Мирче Ацев“, а поради тоа што во тој период на Факултетот за музичка уметност во Скопје не постоеле студии по хармоника, Завков дипломирал контрабас на одделот за гудачки инструменти.

И покрај формалното образование, хармониката останала неговиот прв и единствен избор, инструмент преку кој остварил исклучително богата изведувачка и авторска кариера. Во 1970 година ја снима својата прва плоча со „Октет Македонија“, а со групата „Македонски мерак“ создава значаен опус на композиции и аранжмани, кои денес се сметаат за столбови на македонската народна и новосоздадена музика.
Зад Милан Завков остануваат повеќе од 150 авторски песни, бројни трајни снимки и дискографски изданија, како и некои од најпознатите македонски евергрини: „Заиграј со мене“, „Камен да беше срцето“, „Свири мајсторе“, „Нема друга Македонија“, „Лична Јовано“, „Лазарополе“, „Пат за Стамболград“ и многу други, изведувани од реномирани македонски уметници.
Концертот „Миланова игра“ не е само музички настан, туку вистинско поклонение пред уметникот кој остави длабока и трајна трага во македонската музичка култура, носејќи ја хармониката од народната традиција до големата сцена.
Текстот го подготви: Андреа Андреевиќ
