Скопјани ќе можат да уживаат со песните на Тијана Дапчевиќ, Калиопи, Куку Леле, како и на реномираниот музички уметник и интерпретатор на народни и забавни нумери, Мустафа Имери на дочекот на Новата година на плоштадот Македонија. Ова денес на прес конференција го најави скопскиот градоначалник Коце Трајановски, кој рече дека очекува одлична забава за дочекот.
“Би сакал да им посочам на граѓаните на Скопје, дека и оваа година град Скопје во соработка со Македонски Телеком и Т-Мобиле, ќе ја организира новогодишната забава, за дочек на Новата 2014-та. Можам да истакнам дека и годинава градскиот плоштад ќе биде местото за добра забава на новогодишната ноќ, токму затоа би ги поканил сите граѓани, да дојдат и заедно да ја прослават Новата 2014-та година”, рече градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
“И годинава се очекува на градскиот плоштад, граѓаните да уживаат во одлична забава со познати музички рефрени, динамични настапи, врвни аудио визуелни ефекти, како и незаборавниот огномет кога часовникот ќе ги отчука последните минути од старата и првите секунди од Новата 2014 година. Ова е еден од оние настани, на којшто е радост да присуствуваш, но и да бидеш дел од организацијата, која што традиционално ја реализираме во соработка со Град Скопје”, истакна Жарко Луковски главен извршен директор на T-Mobile Македонија.
Новогодишниот концерт, ќе почне во 21 часот, а се очекува да трае до раните утрински часови. Вистинската кулминација ќе се случи точно на полноќ кога небото над Скопје, ќе го осветли спектакуларен огномет.
Подготви: Редакција Музика24
