Во прв ред

Рокенрол, емоции и спомени: Иван Кукиќ ја обедини Македонија на концертот во Струмица (Фото)

Со многу емоции, силна рокенрол енергија и музика што директно допира до душата, познатиот македонски музичар Иван Кукиќ во својот роден град Струмица приреди концерт што долго ќе се памети. Заедно со бендот „YU FOR YOU“, на сцената во НУЦК „Антон Панов“, Кукиќ создаде вистинска музичка магија исполнета со безвременски хитови, искрени емоции и атмосфера која публиката ја чувствуваше во секој миг.

Концертот, симболично насловен „Со свои зборови“, донесе повеќе од два часа врвна свирка, моќни интерпретации и искрена комуникација со публиката, која од првиот до последниот момент пееше заедно со бендот и возвраќаше со долги и силни аплаузи. На сцената блеснаа врвните млади музичари: Зоран Трендов на гитара, Марјан Стоилов на тапани, Слободанка Иванов и Анастасија Цамбулева на перкусии, како и Јован Цветковиќ и Горан Мицев на клавијатури. Посебен впечаток остави и уникатниот спој на рок-звукот со фолклорните елементи на КУД „Гоце Делчев“ од Босилово, што на концертот му даде дополнителна автентичност и емоционална тежина.

Во публиката беа забележани и бројни познати лица од македонската естрада, а специјално од Загреб пристигна и менаџерот на легендарната група „Парни Ваљак“, што само дополнително ја потврди важноста и квалитетот на музичката вечер. Но најсилниот момент од концертот без сомнение беше премиерната изведба на песната „Разбуди се генерацијо“, посветена на прерано починатиот музичар Џоко Георгиев – Џочето, кој трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката во Кочани, додека настапуваше со групата ДНК.

Уште со првите стихови, во салата се почувствува тишина исполнета со почит и емоции. На видеобимот се прикажуваа фотографии и видеа од Џочето со членовите на бендот, а многумина од присутните не можеа да ги сокријат солзите. Песната не беше само музичка изведба, туку искрена исповед, спомен и благодарност за човек кој оставил длабока трага меѓу своите пријатели и колеги. Автори на музиката и текстот се Горан Кукиќ и Драгољуб Марковиќ, додека аранжманот го потпишува самиот Иван Кукиќ. Особена симболика носи фактот што токму Џочето ги отсвирил тапаните на демо снимката, создадена само неколку месеци пред трагедијата. На тој начин, неговиот музички дух останува засекогаш вткаен во песната.

„Разбуди се генерацијо“ ќе биде дел од вториот албум на Иван Кукиќ, кој се снима за Croatia Records, а уште со првата изведба покажа дека станува збор за песна што носи силна порака – дека вистинските пријателства, спомените и музиката никогаш не умираат.

Концертот на Иван Кукиќ и „YU FOR YOU“ во Струмица не беше само уште една музичка вечер. Тоа беше вечер на љубов, почит, спомени и музика што останува да живее долго по последниот акорд.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: