На 39. издание на фестивалот „Фолк Фест Валандово“, победата ја однесе емотивната композиција „Гратче мое убаво“, во изведба на валандовчанецот Христијан Кико Божинов. Песната уште на првото слушање ја освои публиката, а силните емоции, искрената интерпретација и топлата порака донесоа бурни аплаузи и заслужено признание.
Во разговор со новинарите по фестивалската вечер, Кико откри дека песната има посебно значење за него, бидејќи ја посветува на своето братче, но и на сите Македонци ширум светот. Тој истакна дека „Гратче мое убаво“ е целосно авторско дело на познатиот македонски пејач и музичар Зоран Ванев. По големата победа на композицијата, на социјалните мрежи се огласи и самиот Зоран Ванев, кој веќе долги години живее и работи во Швајцарија. Ванев не ја криеше радоста и гордоста што токму неговата песна триумфираше на една од најзначајните фестивалски сцени во Македонија.
„Сеуште ги собирам емоциите од синоќешната магична вечер во Валандово. Исклучително сум горд и благодарен што мојата авторска комплетна приказна — за која ги потпишувам музиката, текстот и аранжманот — го освои срцето на публиката и жирито и ја однесе ПРВАТА НАГРАДА на „Фолк Фест Валандово 2026“. Оваа победа не е само моја. Таа е на сите нас кои веруваме во вистинската, чиста македонска песна. Благодарам до изведувачот Христијан Кико Божинов кој ја донесе песната со цела своја душа, до организацијата и до сите вас за безрезервната поддршка и гласови. Исто така, чест и задоволство ми е што Благоја Груевски ја испеа другата моја композиција на фестивалот под назив Султана, за која верувам дека исто така ќе стане голем хит. Валандово секогаш имало посебна магија, а годинава ми подари спомен за цел живот. Се гледаме и се слушаме наскоро со нови песни!“, напиша Ванев во својата објава.
Победата на „Гратче мое убаво“ на сите нам само ни покажа колку искрената македонска песна, секогаш го наоѓа патот до срцата на публиката.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
