Премиера

Ново музичко име на сцената: Викторија Коцева ја објави својата прва песна „Тој ми треба“ (Видео)

Македонската музичка сцена добива уште едно ново име. Младата Викторија Коцева официјално ја започнува својата музичка кариера со објавувањето на првата авторска песна и видео запис насловени „Тој ми треба“. Иако за дел од јавноста можеби е ново лице, Коцева не е непозната за сцената. Во изминатите неколку години таа активно настапува како дел од кабаретскиот ансамбл на Gold Felicia, каде преку бројни настапи стекнува драгоцено сценско искуство и сигурност пред публика.

Нејзиниот уметнички пат започнува многу порано – преку танцот. Викторија има завршено модерен танц во класата на реномираната кореографка Рисима Рисимкин, а подоцна професионално се занимава со танцување. Токму љубовта кон сцената, музиката и уметничкото изразување постепено ја насочуваат кон пеењето, кое денес станува нејзин главен професионален предизвик.

Ново поглавје во нејзината кариера започна пред еден месец, кога потпиша професионален договор со продукциската куќа 77 Entertainment. Од продукцијата најавуваат сериозна и долгорочна работа со младата пејачка, а првиот чекор во таа насока е токму песната „Тој ми треба“.

Viktorija Koceva-Toj mi treba

Зад проектот стои проверен музички тим. Музиката, аранжманот и комплетната продукција ги потпишува Димитар Андоновски, додека автор на текстот е Маја Андоновска Илиевски. Песната носи современ поп звук и претставува вовед во музичкиот стил со кој Викторија ќе се претставува пред публиката во иднина. Паралелно со аудио изданието, објавен е и професионален видео запис реализиран во продукција на 77 Entertainment. Концептот е дело на Андреј Папаз и Бобан Русески, зад камерата и монтажата стои Никола Марковски, додека колор корекцијата ја изработи Стефан Ѓорѓиевски.

Од продукцијата велат дека ова е само почеток на музичката приказна на Викторија Коцева и дека во наредниот период публиката може да очекува нови музички проекти и настапи. Дали ова младо име ќе успее да се избори за своето место на домашната музичка сцена останува да покаже времето, но едно е сигурно – нејзината музичка приказна штотуку започна.

Можеби ќе ве интересира: