Фестивали

Кавадарци го објави спектаклот на годината: Жељко Самарџиќ, Џејла Рамовиќ и Пеџа Јовановиќ на „Тиквешки гроздобер 2026“ (Фото)

Како што дознава музичкиот портал Музика24.мк, кој годинава е и официјален медиумски покровител на манифестацијата, Кавадарци интензивно се подготвува за уште едно спектакуларно издание на најголемиот вински и туристички бренд во државата – „Тиквешки гроздобер 2026“.

Советот на Општина Кавадарци на својата 11-та седница официјално ја усвои програмата за годинашното издание на стопанско-туристичката и културна манифестација, која ќе се одржи од 4 до 6 септември. Фестивалот, кој со години важи за еден од најпосетените настани во Македонија и кој веќе го носи приматот за најдобар македонски општински фестивал, и оваа година ќе понуди вистинска тридневна приказна исполнета со музика, традиција, вино, гастрономија и незаборавна забава.

Организацијата на културно-забавната програма годинава е доверена на компанијата „Иноватива груп“ ДОО Скопје, а центарот на сите случувања повторно ќе биде Градскиот плоштад во Кавадарци. Според програмата, посетителите ги очекуваат настапи на некои од најактуелните музички имиња од регионот и Македонија.

Во петок, на 4 септември, фестивалската атмосфера ќе ја загреат македонскиот состав „Зи Бомб“, регионалната трап сензација Де Вито и популарниот DJ Галовски. Саботната вечер, на 5 септември, носи комбинација од македонски поп и рок звук. На сцената ќе настапат Дупер и Нокаут, а кулминацијата ќе биде концертот на еден од најомилените балкански романтичари – Жељко Самарџиќ.

Големото затворање на „Тиквешки гроздобер 2026“ е резервирано за недела, 6 септември, кога публиката ќе има можност да ужива во настапите на младата музичка ѕвезда Џејла Рамовиќ и популарниот Пеџа Јовановиќ. Точно во 01:00 часот по полноќ небото над Кавадарци ќе биде осветлено со спектакуларен огномет кој традиционално ќе стави точка на уште едно фестивалско издание.

Но, „Тиквешки гроздобер“ не е само музика.

Како еден од најпрепознатливите симболи на манифестацијата, традиционалниот карневал повторно ќе биде во центарот на вниманието и ќе се одржи во сабота. Во недела ќе продефилираат и најмладите учесници преку Детското карневалско дефиле, кое ќе биде збогатено со музичка програма на DJ Bono. Во текот на сите три фестивалски дена, Градскиот плоштад ќе биде претворен во вистинска винска и гастрономска оаза со брендирани штандови за дегустација на познатите тиквешки вина, ракија, маџун и традиционални специјалитети.

Посебен акцент ќе биде ставен и на негувањето на културното и народното наследство, па така Полициското паркче ќе биде уредено во духот на традицијата и старите тиквешки обичаи. Покрај музичката програма, посетителите ќе можат да проследат и бројни спортски и рекреативни настани, меѓу кои кошаркарскиот турнир „Сестри Китеви“ во спортскиот центар „Јасмин“, мото-рели низ градските улици, изложба на олдтајмери на улицата „Илинденска“, како и традиционалната таблијада.

Во Паркот на револуцијата во текот на трите фестивалски дена ќе се слуша староградска музика, а ќе се подготвува и традиционална скара, создавајќи автентична атмосфера која секоја година привлекува илјадници посетители. Со богата музичка програма, негување на лозаро-винарската традиција и содржини за сите генерации, „Тиквешки гроздобер 2026“ уште еднаш има амбиција да биде еден од најголемите и најпосетени настани во земјата, потврдувајќи го Кавадарци како вистинска винска престолнина на Македонија.

Музика24.мк и годинава како официјален медиумски покровител ќе ве информира за сите новости, ексклузивитети и случувања поврзани со „Тиквешки гроздобер 2026“.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: