Балканленд

По премиерата на „Охрид фест“: Наташа Михајловиќ најавува нов албум со емотивниот сингл „Кроз ватру и воду“ (Видео)

Поранешната членка на популарната група „Фрајле“, Наташа Михајловиќ, го објави својот нов сингл „Кроз ватру и воду“, песна која својата премиера ја имаше на годинашното 33. издание на „Охрид Фест – Охридски трубадури“, каде што беше одлично прифатена од публиката.

Станува збор за емотивна поп балада чија приказна говори за љубов што не успеала во минатото, но добива нова можност тогаш кога животот повторно ќе ги спои вистинските луѓе. Интересно е што песната била создадена пред десет години. Текстот го напишал долгогодишниот соработник и пријател на Наташа, Милош Бероња, додека аранжманот е дело на Адис Сирбубало, кој останува верен на препознатливиот современ поп звук. Видеоспотот е снимен во Далмација, на локацијата Пунта Планка – најистурениот дел од копното во Хрватска, познат по судирот на северните и јужните морски струи. Токму оваа природна симболика ја следи и приказната на песната, која зборува за силата на емоциите, животните предизвици и љубовта што успева да ги надмине сите препреки.

По заминувањето од „Фрајле“, Наташа Михајловиќ успешно ја гради својата соло кариера. Во изминатите две години објави неколку нови песни и освои значајни признанија, меѓу кои награда за најдобар музички проект од „Накси радио“, награда за најдобар аранжман на фестивалот „Белградска пролет“ за песната „Нема назад“, како и признание за најдобар дует за песната „Под нозете“ со Ана Петан на фестивалот „Бисер Јадрана“ во Тиват.

Nataša - Kroz Vatru i Vodu (Official Video)

Во периодот што следува, пејачката најавува регионална концертна турнеја во Србија и Хрватска, а веќе работи и на својот прв самостоен албум, чие објавување е планирано за следната година.

Покрај музичката кариера, Наташа останува посветена и на својата авторска иницијатива „Разбуди ме, повикај ме“, проект насочен кон подигнување на свеста за депресијата, анксиозноста и превенцијата од самоубиства, со кој испраќа силна порака дека грижата за менталното здравје е подеднакво важна како и секој друг аспект од животот.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Фото: Тони Андабак

Можеби ќе ве интересира: