По низата успешни музички проекти и настапи, една од најпрепознатливите македонски групи – Група Круна, е подготвена пред публиката да го претстави своето најново музичко остварување. Музика24.мк ексклузивно дознава дека деновиве е комплетирано снимањето на видеоспотот за новата песна „Секој ден да славиме“, која многу скоро ќе ја има својата официјална премиера.
Станува збор за композиција што носи силна љубовна порака, а зад неа стојат две добро познати имиња на македонската музичка сцена. Музиката и аранжманот ги потпишува Александар Јовевски, додека текстот е дело на маестралниот Огнен Неделковски, автор на десетици хитови кои со години се пеат ширум Македонија. Визуелната приказна доверена е на Арт Студио продукција, која видеоспотот го реализираше на повеќе атрактивни локации низ Скопје. Главните улоги им припаднаа на Филип и Ангела Лазаревски, кои преку емотивна приказна совршено ја надополнуваат атмосферата што ја носи новата песна.
Но, тука не завршуваат новостите.
Како што дознава Музика24.мк, членовите на Група Круна речиси и нема да имаат време за одмор. Само неколку дена по објавувањето на новиот музички проект, тие заминуваат во Италија, каде на 4, 5 и 6 декември ќе одржат серија настапи пред македонската дијаспора и бројната публика која со години ја следи нивната музика. Веднаш потоа следува уште еден голем предизвик. За новогодишните и божиќните празници, Група Круна традиционално ќе отпатува во Соединетите Американски Држави, каде од новогодишната ноќ па сè до 22 јануари ќе настапува во Њу Џерси, забавувајќи ги Македонците кои живеат и работат преку океанот.
Со нова песна, нов видеоспот и богата концертна агенда во Европа и Америка, Група Круна јасно покажува дека продолжува со истото темпо со кое со години успешно опстојува на македонската музичка сцена.
„Секој ден да славиме“ наскоро ќе ја доживее својата официјална промоција, а судејќи според авторскиот тим и најавите, публиката може да очекува уште едно квалитетно музичко издание кое ќе го најде своето место во етерот. Останете со Музика24.мк – први ќе ја проследиме премиерата на новата песна и видеоспот на Група Круна.
