Балкан Мјузик телевизија интензивно работи на подготовките за шестата сезона на еден од најгледаните и најпопуларни музички серијали во Македонија – „На здравје“, кој оваа година доаѓа со целосно нов и освежен концепт.
За разлика од претходните сезони, новите епизоди ќе бидат тематски, при што секоја ќе биде посветена на едно големо име од македонската музичка историја. Преку разговори, музички изведби, спомени и интересни гостувања ќе се оддава почит на легендарните автори и интерпретатори кои оставија неизбришлива трага во македонската народна музика.
Како што информираат продуцентите на Балкан Мјузик телевизија, досега се снимени неколку епизоди, а меѓу музичките великани чие творештво ќе биде претставено се Васка Илиева, Јонче Христовски, Никола Бадев, Александар Сариевски, Пепи Бафтировски, како и многу други доајени на македонската музика. Во новата сезона ќе има простор и за епизоди посветени на уметници кои и денес активно создаваат, творат и ја збогатуваат домашната музичка сцена. И оваа сезона низ музичката приказна гледачите ќе ги води препознатливиот Орде Неделковски, додека за живата музика ќе се погрижат Група Круна, Група Плетенка и Анета Бенд, кои од епизода во епизода ќе ги придружуваат гостите со автентични изведби на безвременските македонски песни.
Новата сезона ветува многу емоции, носталгија, квалитетна музика и незаборавни средби со бројни познати музички имиња, претставувајќи вистински музички времеплов низ богатото македонско музичко наследство. Премиерната епизода од шестата сезона на „На здравје“ е закажана за 29 ноември 2026 година, кога гледачите ќе имаат можност повторно да уживаат во уште едно врвно телевизиско музичко доживување.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
