Во свечено уредениот амбиент на Central Hall, роденденската вечер започна со настап на Милан Бујаковиќ и Taboo Band, кои ја отворија програмата со безвременскиот хит „Права ствар“ од Здравко Чолиќ, создавајќи атмосфера препознатлива за музичкиот дух на НАКСИ Радио.
Пред присутните се обрати сопственичката и главна уредничка на НАКСИ Радио, Маја Раковиќ, која во своето инспиративно обраќање зборуваше за соништата, истрајноста и патот што радиото го поминало во изминатите 32 години.
„Пред 32 години верував во еден сон. Денес тој сон е наша реалност. Благодарност до целиот тим на НАКСИ Радио, до нашите водители, до уметниците и до сите кои се дел од ова големо семејство. Да продолжиме заедно да ги живееме нашите соништа“, порача Раковиќ поздравувајќи ги бројните гости.
Вечерта продолжи со настап на легендарниот Кики Лесендриќ, кој симболично ја отвори музичката програма со песната „Svet je lep kada sanjamo“, а потоа ги изведе и хитовите „Te noći smo se potukli zbog nje“ и „Zaboravljeni“. Посебни емоции предизвика настапот на легендарните Нови фосили, кои со песните „Ja sam za ples“, „Milena“ и „Za dobra stara vremena“ ја кренаа публиката на нозе, додека сите заедно ги пееја добро познатите рефрени.
Во текот на вечерта, Милан Бујаковиќ и Taboo Band продолжија да ја забавуваат публиката со најголемите домашни поп и рок хитови, а вистинска носталгија донесе и настапот на групата Зана, која ги изведе безвременските „Dodirni mi kolena“, „Majstor za poljupce“ и „Mladiću moj“.
Кулминацијата на прославата беше пристигнувањето на роденденската торта под звуците на песната „Malo pojačaj radio“, по што забавата продолжи до доцна во ноќта со одлична атмосфера и музика. На сцената во текот на вечерта им се придружи и македонскиот пејач Давид Темелков, кој ги воодушеви присутните со интерпретациите на хитовите „Jedina“ од Здравко Чолиќ и „Ledena“ од Тоше Проески.
Во текот на своето 32-годишно постоење, НАКСИ Радио изгради препознатлив музички идентитет и силна врска со својата публика. Роденденската прослава уште еднаш потврди дека музиката останува најсилната врска меѓу радиото, уметниците и слушателите, а НАКСИ Радио и во иднина ќе продолжи да ја негува таа традиција преку внимателно избрана музика, квалитетна програма и содржини што ги обединуваат генерациите.
Среќен роденден Накси Радио!
Текстот го подготви: Редакција Музика24
