Специјализираниот македонски музички портал Музика24 дознава дека е комплетиран тимот за овогодинешното 29-то издание на фестивалот за забавни мелодии “Макфест 2014”. Вчера, градоначалникот на општина Штип, г-нот Илчо Захариев, го промовираше новиот раководен тим. По распишаниот конкурс кој што беше објавен кон крајот на минатата година и по завршената процедура, за директор на фестивалот е назначен Дарко Мијалковски, син на познатиот поп пејач Драган Мијалковски и сопственик на продукцијата “Супер ѕвезда”. За уметнички директор е назначен поранешниот директор на Македонската опера и балет Оливер Арсовски и за технички директор е назначен новинарот Трајче Јованов.
Комплетен и доминантен финансиер на овогодинешното фестивалско издание ќе биде Владата на Република Македонија, која истовремено ќе ги обезбеди наградите кои како што веќе беше најавено ќе бидат следниве:
- Прва награда: 20.000 евра.
- Втора награда: 15.000 евра.
- Трета награда: 10.000 евра.
- Најдобар дебитант: 3.000 евра.
- Најдобар сценски настап: 3.000 евра.
Фестивалот досега се одржуваше кон средината на месецот октомври, но од оваа година, истиот ќе се одржува последната недела од месецот мај. Овој пат, фестивалот се враќа на страта шема како пред неколку години, односно со две полуфинални и една финална вечер. За разлика од минатите години, за прв пат на “Макфест”, изведувачите освен што ќе пеат во живо ќе бидат ќе бидат изведени во живо со ревискиот оркестар на МРТ, како никогаш досега. Преносот и оваа година ќе го овозможи Македонската радио телевизија во целосна HD резолуција.
Подготви: Елена Ивановска
