Деновиве излезе синглот „Sudnji dan“, на Ален Исламовиќ, кој претставува своевиден бунт против сè лошо што се случува во светот. На овој начин беше испратена и пораката дека некаде секогаш има малку љубов која го победува лошото.
Во реализацијата на песната учествуваа: Наско Будимлиќ (тапани) и Златан Чехиќ (бас гитара) како поранешни членови на групата „Дивље Јагоде“, како и Драгомир Херендиќ – Драгиани (соло гитара), инаку поранешен член на „Забрањено пушење“ и „Црвена Јабука“.
Покрај пораката што ја испраќа, песната е посветена и на 40-годишнината од објавувањето на албумот „Мотори“, на кој Ален ги напиша сите текстови, свиреше на бас гитара и го зачини изданието со својот глас како пејач на „Дивље Јагоде“.
Стари и нови хитови, спој на носталгична и вистинска рок атмосфера, љубителите на „Мотори“ и другите хитови на овие рок мајстори можат да ги очекуваат на концертите планирани за 2023 година. Првиот од серијата е планиран во градот каде што е создаден албумот – Бихаќ.
Одбележувањето на оваа значајна годишнина ќе се вика „Мотори 40“, а комплетната медиумска кампања како и организацијата на овој спектакл ќе ја спроведат Ален и неговиот тим во соработка со ЈП РТВ БИХАЌ.
