Човекот кој го одбележа златното време на југословенската музика, препознатлив по песните во кои ја опејуваше љубовта и возвишеноста кон жената, незаборавниот и неповторлив Мики Јевремовиќ, денес попладнево почина во Белград на 75 годишна возраст, после кратка и тешка болест. Неговите хитови “Гркинка”, “Пијам”, “Мама”, “Ако еднаш ја видиш Марија”, “Нека точат старо вино”… останаа запишани во југословенската и светска музичка историја, а во текот на својата музичка кариера Јевремовиќ настапи и на првиот фестивал на македонска забавна музика “Макфест” кој што се одржа во 1986-та, како и на “Скопски фестивал” во 1978-та година каде ја пееше денес препознатливата евергрин песна “Бела Хризантема” на Димитар Масевски.
Мики Јевремовиќ минатата година на 27-ми декември доживеа мозочен удар, а состојбата нагло му се влошила по Нова година и почина денеска по неколку денови поминати во кома. Беше многу популарен и во тогашниот Совестски сојуз, каде неговите песни беа препеани и на руски јазик. Јевремовиќ беше чест гостин и во Македонија на музичките фестивали. Освои бројни награди на фестивалите како што се “Белградската пролет”, “Загребскиот фестивал”, “Опатискиот фестивал”.
Подготви: Александра Блажевска
