Балканленд

“Макфест” наместо крајот на мај, поместен за почетокот на јуни

Фестивалот за забавни мелодии “Макфест”, наместо како што беше веќе најавен и закажан за последната недела од месец мај, истиот се поместува за првиот викенд од месецот јуни, односно оваа година “Макфест” ќе се оддржи на 5-ти, 6-ти и 7-ми јуни. Причината за поместувањето, како што велат од општината Штип кои се и всушност организатори на овој долгогодишен фестивал, се Мајските оперски вечери.

“Познато е дека оваа година “Макфест” нема да биде на полуплејбек, туку со оркестар во живо. Во последната недела од мај, би се поклопил со Мајските оперски вечери, а голем број од музичарите се зафатени и не е можно поинаку да се изведе. Конкурсот за “Макфест” завршува денес. Ќе се формираат две селекциски комисии, составени од по седум луѓе, кои ќе ги преслушаат песните и ќе ги одберат најдобрите”, вели уметничкиот директор на фестивалот, Оливер Арсовски.

Инаку, досега вообичаено фестивалот за забавни мелодии во Штип се одржуваше во месецот октомври, односно вториот викенд од овој месец. Од годинава, нешто што на некој начин беше суспендирано изминатите неколку години, повторно се враќа стариот начин на функционирање на овој фестивал, односно, одржување на две полуфинални и една финална вечер. На овогодишното издание натпреварувачите ќе имаат мотивација плус, победничката песна добива 20.000 илјади евра, додека второпласираната 15.000 илјади, а третопласираната 10.000 илјади евра.

Подготви: Андреја Андреевиќ

Можеби ќе ве интересира: