Оливер Драгојевиќ почина пред шест години. На годишнината од неговата смрт, во понеделник, на 29-ти јули, премиерно беше прикажан спотот за песната „Вриме је“ во рамките на преносот на концертот „Траг у бескрају“ во неговата Вела Лука.
Автор на музиката е Томислав Мрдуљаш, текстот го потпишуваат Томислав Мрдуљаш и Маријан Бан, а аранжманот е на Игор Ивановиќ. Автор на видеото е Тони Мијач. Песната „Вриме је“ доаѓа по синглот „Не могу ти речи“ објавен во март, кој го најави албумот „Долазиш“ со дванаесет нови песни на Оливер.
„За албумот две години се собираа и се слушаа материјали, беа вложени часови во внимателно селектирање, потсетување на сите негови коментари и упатства, за сите песни да се направат со сигурност на неговото одобрување“, истакнуваат продуцентите на албумот.
Од 26-ти до 29-ти јули се одржа настанот „Траг у бескрају“ со кој се слави наследството на Оливер шеста година по ред. Во рамките на настанот настапија оваа година: Петар Грашо, Јелена Розга, Зорица Конџа, Далматино, Џулијано, Мартин Косовец, Томислав Бралиќ и Клапа Интраде.
Во продолжение слушнете ја новата песна „Вриме је“.
