Независната музичка издавачка куќа Шарла Рекордс годинава одбележува 10 години од своето постоење.
Со близу 100 изданија позади нас, задоволни повлекуваме црта во издавачката авантура што ја започнавме во една пријатна есенска вечер во 2013 година. Години на силен ентузијазам, многу страст и без компромиси со основачката идеја да поддржуваме млади автори со храбар и прогресивен музички дух и израз. Токму таа искреност ни се врати со широко регионално признавање, поткрепено со многу позитивни рецензии на разни музички портали и магазини, а наши изданија се завртеа и на некои од најрелевантните светски радио станици кои третираат алтернативна музика. Тоа се повеќе од доволно причини оваа година да ја поминеме со пригодни настани, концерти и промоции под заедничкото мото: Шарла – 10 лета околу. Во подготовка е книга со текстови посветени на нашите изданија, роденденска компилација, како и многу нови албуми кои ќе ги проследимесо концертни промоции на различни локации низ Скопје.

