Од утре 18-ти јули четврток до недела 21-ви сите патишта ќе водат накај Прилеп. Да, од утре официјално започнува единаесетото издание на пиво фестот кои многумина со нетрпение го очекуваат, кој за чаша пиво повеќе, кој за добрата скара, а некој пак за добрата музика и забава што само тука може да се доживее и почувствува.
Денес во градот под Марковите кули, градот домаќин – Прилеп млади момци и девојки облечени како баварки и баварци заедно со новинарите и градоначалникот на општина Прилеп Г-нот Маријан Ристески, со пивскиот воз продефилираа низ градските улици најавувајќи го почетокот на уште еден “Пивофест”. Годинава на 4.000 метри квадратни ќе бидат поставени 28 штандови на сите реномирани пивници во Македонија. А за времетраењето на овогодинешниот пивски фестивал, се очекуваат голем број на гости како од другите градови, така и од останатите соседни земји.
Градоначалникот Ристески на денешниот прес пред почетокот на фестивалот изјави:
“Од денеска булеварот во центарот на градот е затворен. Се поставува главната бина која е една од најголемите на ваква манифестација во регионот, се поставуваат штандовите. На штандовите ќе се нуди вкусна скара и околу 20 видови пиво. Најавени се и групи посетители од околните земји”, изјави за новинарите градоначалникот на општина Прилеп Маријан Ристески. Започнувајќи од утре, па следните четири дена секој ден ќе биде исполнет со одлична музичко-забавна програма за посетителите, тука ќе ги споменеме натпреварите во испиено пиво и изедена скара кои ќе се случуваат преку ден, додека навечер ќе продолжи забават со музика.
Веќе пишувавме, но само колку за потсетување, за време на четирите фестивалски вечери на бината која ќе биде поставена пред Комерцијалната Банка (како и секоја година досега) ќе настапат:
18.07.2013 Четврток: Оваа вечер ќе биде посветена на македонските старо-нови хитови од нашите добро познати Зафир Хаџиманов, Маја Оџаклиевска, Драган Мијалковски, Дани Димитровска, а како главни ѕвезди на оваа прва вечер ќе се појават дечките кои што го сочинуваат Стјепан Хаусер и Лука Шулиќ или едноставно наречени 2 Cellos.
19.07.2013 Петок: На втората вечер на “Пивофест” на сцената ќе имаме можност и прилика да ги видиме и слушнеме Давид Нешкоски Трио (познат прилепски музичар), Санта Макарио Оркестар (позната француска етно-фолк група), Владо Георгиев (српски пејач – познат по многуте балади и хитови) и како главна ѕвезда за оваа вечер и честа да ја затвори втората пивска вечер ќе биде светски познатата mtv пејачка Ина.
20.07.2013 Сабота: Оваа вечер е резервирана за фолкерите, со еден мал искучок… а на бината на третата пиво вечер ќе ги видиме, слушнеме и секако ќе пееме со нив, а тоа се познатите македонски фолк пејачи Миле Кузмановски, Соња Тарчуловска, Данијела Мартиновиќ (позната хрватска поп пејачка) и како ѕвезда на оваа претпоследна трета вечер од “Пивофест” на бината ќе се појави мега популарниот балкански фолкер Халид Бешлиќ кој што веруваме дека ќе направи вистинско расположение меѓу пристутните и помеѓу гледачите на Канал 5 кој што според најавите и оваа година ќе врши директен пренос на својата програма.
21.07.2013 Недела: Оваа вечер е всушност четвртата и последна вечер на овогодинешното единаесето “Пивофест” издание. На завршната вечер на сцената прилепчани и останатите присутни, ќе имаат можност да ги видат Бјанка Копенхаген Чалгија (етно-фолк група што вистински ќе ви го крене расположението), Зоран Џорлев (наш македонски познат виолинист) и како последни за оваа вечер и воопшто за “Пивофест” на сцената ќе настапи Горан Бреговиќ со неговиот оркестар за свадби и погреби, со што всушност и ќе се затвори овогодинешното пиво фест издание.
Но да не брзаме, почетокот е веќе утре. На самиот почеток да ве известиме дека музичкиот портал Музика24 веќе од утре се сели во Прилеп односно од самото место на случување и одржување на “Пивофест 2013”. Како еден од медиумските покровители на овој голем музички настан и манифестација, во текот на овие четири дена ќе ве информираме за се она што ќе се случува во Прилеп, за секојдневните настани, пресови, ќе подготвиме и мала репортажа за овој град херој, анкети, интервјуа со дел од познатите овогодинешни учесници како и многу повеќе. Бидете таму, уживајте во престојните четири дена на “Пивофест”!
Подготви: Александра Блажевска
