Австрија е победник на 69. издание на Изборот за песна на Евровизија со вкупно 436 поени, обединети од гласовите на стручното жири и публиката. Претставникот Јохане Пич, познат под уметничкото име Џеј Џеј, ја освои Европа со песната „Wasted Love“, песна што донесе силна емоција, современ звук и искрен настап.
Жирито беше импресионирано од изведбата – Австрија освои дури 258 поени, најмногу од сите земји. Во топ-пет од жири влегоа и Швајцарија (214), Франција (180), Италија (159) и Холандија (133). Но токму публиката беше таа што ја запечати победата: додаде уште 170 поени за Австрија, доволно за убедливо прво место.
Моментот кога Џеј Џеј се упати кон победничката сцена беше исполнет со солзи и еуфорија. На патот го пречека неговата мајка, со која се прегрнаа низ солзи од радост – слика што веднаш стана вирална низ социјалните мрежи.
Израелската претставничка, и покрај контроверзиите и заканите што ги добиваше за време на целата Евровизиска недела, успеа да се избори за второ место со вкупно 357 поени. На третото место заврши Естонија со 356 поени, со само еден поен разлика од Израел. Оваа година донесе и неочекувани резултати: две земји освоија нула поени од публиката – домаќинот Швајцарија, и Велика Британија, што ретко се случува на натпреварување од ваков ранг.
Со победата на Џеј Џеј, Австрија ќе биде домаќин на јубилејното 70. издание на Евровизија, што се очекува да биде спектакуларно. Веќе започнаа шпекулации за локацијата и сценографијата, а организаторите најавуваат најголемото и најиновативно шоу досега.
