Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ со сигурност е еден од најголемите фестивали но и културни брендови во земјава. Веќе втора година на чело на тимот кој ја организира оваа престижна манифестација е актерот Симеон Мони Дамевски, тој во интервју за порталот Факултети.мк открива дел од плановите за овогодинешното фестивалско издание.
Една промена која се планира за оваа година е промена на терминот во кој се одржува фестивалот. Па така од традиционалниот термин во втората половина на септември, оваа година фестивалот да биде во август.
Идејата е да се подготвуваме за една верзија на фестивалот во летните месеци на отворено, за да не се стеснуваме и ограничуваме, би сакал тоа да биде во август, да го сместиме меѓу големите светски фестивали, за ѕвездите што доаѓаат на големите фестивали, а се наша таргет-категорија, да можат да бидат во Европа и да можеме да ги донесеме овде. Битола е потопла во август за разлика од септември. А ако има епидемија, бројките сигурно би биле поголеми во втората половина на септември отколку во август. Можеме на отворено да ги правиме проекциите и да имаме повеќе публика. – вели мони.
Од минатата година фестивалот има богата придружна програма со посебен акцент на музичкиот дел, кој оваа година се одржуваше низ битолските барови. Покрај придружната програма, на музиката и беше посветено внимание и со доделувањето на специјална награда на британската композиторка Џоселин Пук. Идејата на Дамевски е оваа година да има повеќе журки поврзани со филмска музика.
Сакаме да имаме журки бидејќи фестивал без забава не е фестивал. Сакам да го донесам човекот кој ја компонирал музиката за филмот „Страдањето на Христос“ на Мел Гибсон и заедно со Македонската филхармонија во амфитеатарот да одржи концерт. Планот е и Џоселин Пук да одржи концерт со нејзиниот бенд. Планиран е и диџејот Дерик Меј. Сакам да има такви концерти, од тој калибар. А тоа можеме да го направиме само во лето. Идејата е да пулсира Битола, да не спие, да доаѓаат млади од цел свет, да има добри филмови, забава и доживувања. Фестивал мора да биде доживување. – додава дамевски.
