Д Фестивал, водечкиот летен фестивал во Македонија е официјално избран меѓу топ 10 најдобри фестивали во Европа за претстојните Европски Фестивалски Награди (European Festival Awards 2025), најпрестижното признание на европската фестивалска индустрија.
По завршувањето на јавниот избор во кој за номинираните фестивали гласаше публиката од цела Европа, нашиот фестивал влезе во потесната листа на 20 најдобри, а потоа, по гласовите на меѓународно жири составено од водечки експерти од музичката индустрија, Д Фестивал се пласираше и во финалниот „shortlist” на најдобрите 10 фестивали во својата категорија – историски успех и огромно признание за македонската независна фестивалска сцена.
Според европските стандарди за музички фестивали, Д Фестивал е во најтесниот избор во категоријата Најдобар мал европски фестивал, односно со капацитет 10.000 посетители дневно, а во финалето е заедно со фестивали од Швајцарија, Данска, Италија, Холандија, Романија, Бугарија и Србија.
Д Фестивал влегува во финалето со најдобрите во 2025 како единствен настан од Македонија, а во децениската историјата на фестивалските „оскари” тој е втор македонски фестивал кој успеал да се искачи до листата на 10 најдобри, по Таксират кој се запиша во оваа селекција со своите изданија во 2016 и 2022 година.
