Фестивали

Данијела Мартиновиќ ќе настапи на “Делчевско лето”

Општина Делчево во соработка со бизнис-секторот од општината организира спектакуларни концерти во рамките на “Делчевско лето 2019“, а ѕвезда на вечерта е популарната балканска пејачка Данијела Мартиновиќ чии хитови ги сакаат и млади и повозрасни генерации.

Концертите ќе се одржуваат на 9-ти август кога, освен Мартиновиќ, ќе настапат девојките од “Дикато-бенд”, рок групата “Троја бенд”, делчевците “The Jokers”, а традиционално, ноќта спорти верскиот празник Св.Пантелејмон, на 8-ми август на летната сцена на Голак и во партнерство со НУЦК “Никола Јонков Вапцаров”, ќе се одржат меѓународните “Голачки фолклорни средби”.

На денешната прес-конференција, градоначалникот на Општина Делчево Горан Трајковски, истакна дека Делчево е подготвено и организациски и технички за дводневните големи концерти во рамките на “Делчевското лето 2019”, а целта за нивната организација е да се даде нов имиџ на градот кој ќе раскаже нова приказна за Делчево.

“Во оваа прилика сакам да изразам огромно задоволство, но и голема благодарност на иницијативата и поддршката на бизнис-секторот од Делчево кои се вклучија околу организацијата и финансиски го поддржаа овој голем настан. Она што го договаравме минатото лето на бизнис-форумот: “Да ја поддржиме приказната за Делчево”, денес реализираме дел од областа култура и културни настани, бидејќи тие ја даваат душата на градот. Целта и на Општина Делчево и на претставниците од бизнис-секторот е да им овозможиме на нашите граѓани и на граѓаните од регионот незаборавна вечер и забава и заедно да испишиме нова традиција. Поддржувајќи ја приказната за Делчево, сакаме овие два дена, Делчево да биде посакувана дестинација”, истакна Трајковски.

Општина Делчево по втор пат организира концерт од поголеми размери. Минатата година концертот на Игор Џамбазов и бендот на Гуру Харе, како и настапот на групата “Шекспир” го проследија илјадници гости од регионот.

Можеби ќе ве интересира: