По неколку години пауза, тивко присуство и период на реорганизација, „Пивофест“, една од најомилените манифестации во Македонија — конечно се враќа со полна сила и на голема врата, а Прилеп повторно ќе биде центарот на незаборавната забава во Македонија. Од 18-ти до 20-ти јули, срцето на градот ќе пулсира во ритамот на ладното пиво, мирисот на вкусната и преубава прилепска скара и звуците на врвни познати македонски и балкански музички имиња.
Како што официјално дознава музичкиот портал Музика24.мк, фестивалот „Пивофест“ започнува во петок, на 18-ти јули, со вечер посветена на македонската музичка традиција. Под отворено и ѕвездено летно небо, Камерниот оркестар од Битола ќе ги спои класиката и популарната музика во вистински симфониски спектакл каде Наде Талевска, Андријана Јаневска и Ристо Самарџиев кои ќе настапат во живо, потсетувајќи нè зошто македонската песна е душа и срце на секоја генерација.

Сабота пак, 19-ти јули, е денот резервиран за легендата – Харис Џиновиќ. Со своите вечни балкански хитови како „Muštuluk”, „I tebe sam sit kafano”, „Pariške kapije” и „Lažes me”, Харис ќе ја подигне атмосферата до самиот врв. Очекувајте хорско пеење, танцување до доцна во ноќта и една од оние ноќи што се прераскажуваат со години.

Фестивалската магија на ова издание на „Пивофест“ ќе кулминира во недела, 20-ти јули, кога на сцената ќе се искачи харизматичниот Никола Роквиќ. Со својот моќен глас и безвременски хитови, тој ќе ја заокружи оваа тројна музичка експлозија со стил и емоција. Совршен крај за викенд исполнет со смеа, дружење и добар звук, а богами и одлична прилепска скара.
За љубителите на хмељот – вистински рај! Оваа година организаторите најавуваат дегустација на дури 10 различни видови пиво, меѓу кои покрај домашните брендови, ќе може да се проба и грчко, српско и босанско пиво. Со ладно пиво во рака и топла скара во друга, вистинското летно уживање ќе биде комплетно.

Вистинските ноќни птици ќе се израдуваат на враќањето на алтернативната сцена — Камената бина. Таму ќе се организираат настапи до 3 часот по полноќ, со диџеи, рок бендови и урбана програма за оние што бараат нешто различно. Фестивалот ќе се одржи на веќе познатата локација – самиот центар на Прилеп, кој ќе се трансформира во голема пивска арена, со бини, штандови и илјадници посетители од цела Македонија и регионот.
„Целта ни е Пивофест да го врати сјајот од неговите најдобри години. Работиме напорно на програмата, логистиката и безбедноста, и веруваме дека ова ќе биде едно од најдобрите изданија досега“, велат од здружението „Вибе Евент“ кои се всушност и дел од организаторите.

Едно е сигурно – „Пивофест 2025“ не е само фестивал. Тоа е движење, спомен, збор што се изговара со насмевка, и викенд кој се чека цела година. Спремете ја екипата, изглади го гласот и дојди во Прилеп од 18-ти до 20-ти јули на највкусната, најгласната и најдобрата пивска забава во регионот.
„Пивофест“ конечно се враќа – поголем, побрз и посилен!
Подготви: Иван Јосимовски
