Фестивали

„Фолк Фест Валандово“ ја слави македонската песна, Кико ги обедини сите со неговата „Гратче мое убаво“ песна победничка (Фото)

Додека сите ние со нетрпение го очекувавме да се случи и одржи најновото, 39-то издание на „Фолк Фест Валандово“, тоа како пролетен дожд дојде, се случи и заврши. А ние, акредитираните новинари, оваа година заминуваме со впечатоци, емоции и спомени кои навистина тешко ќе се заборават.

По првата предфестивалска вечер, која се одржа на 26 мај на градскиот плоштад во Валандово, и по сите испеани валандовски евергрини, како и одличниот концерт на Влатко Миладиновски, дојде и денот кој сите со нетрпение го очекувавме – главната фестивалска вечер на „Фолк Фест Валандово 2026“.

27 мај започна прекрасно. Ние, кои бевме сместени во еден од најубавите хотели во Дојран – „Ла Тераца“, ги имавме можеби најубавите утрински погледи со кои човек може да го започне денот. Со првото утринско кафе, погледот кон Дојранското Езеро и разговорите за фестивалот, уште од рано се чувствуваше дека нè очекува вечер која ќе остави силен белег на македонската музичка сцена. Во текот на денот имавме привилегија да присуствуваме на генералната проба и меѓу првите да ги слушнеме композициите кои годинава беа дел од фестивалската програма. Лага ќе биде ако кажеме дека и ние од Музика24 немавме свои фаворити и свои тивки музички навивања. Но, за тоа – во некоја друга прилика.

По кратките подготовки за фестивалската вечер, се упативме кон Валандово, каде речиси сите патишта водеа кон фестивалската сала. И годинава, по 39-ти пат, македонската публика имаше можност да ужива во убава, квалитетна и искрена македонска музика. Како и секоја година, се сместивме на нашето добро познато место, од каде имавме одличен поглед кон сцената, но и можност да направиме добри фотографии и видеа од целата фестивалска магија.

Фестивалската вечер започна точно, навреме и прецизно, благодарение на директниот пренос на МРТВ и професионалниот тим кој стои зад реализацијата. Познатата и секогаш елегантна Ели Танасковска, заедно со Зоран Горгиев, беа водителскиот пар кој годинава ја водеше главната фестивалска програма. Од црвениот тепих и бекстејџот, пак, се вклучуваа секогаш позитивните Снеже Велков и Дионис Нунов.

Фестивалот започна со еден од најемотивните моменти на вечерта – доделувањето на наградата за животно дело. Ова престижно признание годинава ѝ припадна на легендарната македонска фолк-пејачка Блага Петреска. По доделувањето на наградата, таа ја отпеа безвременската „Ти ме предаде“, песна која публиката ја испрати со огромен аплауз и емоции.

По свечениот почеток започна и натпреварувачкиот дел од фестивалот.

Честа да го „скрши мразот“ оваа година ја имаше младата и насмеана Софија Пурова со композицијата „Мир што ме опива“. По неа следуваа настапите на:

  • Дејан Николовски – Чуле со „Слатки мали лаги“,
  • Ивана Наумова Каранфилов со „Дојде време да се вратиш“,
  • гостинот од Србија, Стефан Илиќ, кој одлично ја отпеа на македонски јазик композицијата „Уште еднаш“… а некаде кон самиот завршеток на фестивалот настапија:
  • Благица Калева со „Солзи немам“,
  • Анета Љумаковска, Јане Динев и „Анета Бенд“ со „После сè“,
  • Благоја Грујовски со „Султана“,
  • Смиља Митревска со моќната „Љубовта нека царува“,
  • и Христијан Божинов – Кико, кој со емотивната „Гратче мое убаво“ го затвори натпреварувачкиот дел од фестивалот.

Додека публиката во салата гласаше за своите фаворити, присутните уживаа во ревијалниот дел и мини концертот на секогаш ведрата, насмеана и уникатна Ленче Кукиќ.

Во период од околу триесетина минути, публиката имаше ретка можност да ужива во дел од нејзините најпознати песни и безвременски хитови, меѓу кои „Катерино моме“, „Сакам да ме крадеш“, „Гоце, Гоце“, „Јоване јорговане“, „Течете солзи“… и уште многу други. Со својот моќен вокал, енергија и харизма, Ленче уште еднаш ни покажа зошто со години важи за едно од најпрепознатливите и најценети имиња на македонската фолк сцена.

Во одлична фестивалска позитивна атмосфера по настапот на фолк пејачката Ленче Кукиќ, беа прогласени и победниците на годинашното 39-то издание.

  • Прва награда – Награда за најдобра песна: „Гратче мое убаво“ – Христијан Божинов-Кико
  • Втора награда: „Солзи немам“ – Благица Калева
  • Трета награда: „После сè“ – Анета Љумаковска, Јане Динев и „Анета Бенд“
  • Награда за најдобар текст: „Жено неверна“ – Томислав Коцевски – Пепси (интерпретатор: Драган Даце Николовски),
  • Награда за најдобра музика: Зоран Ванев за композицијата „Гратче мое убаво“ (интерпретатор: Христијан Божинов-Кико),
  • Награда за најдобар аранжман: „После сè“ – Дарко Илиевски (интерпретатори: Анета Љумаковска, Јане Динев и „Анета Бенд“) и
  • Награда за најдобра интерпретација: „Солзи немам“ – Благица Калева.

Со доделувањето на наградите официјално заврши 39-то издание на „Фолк Фест Валандово“, фестивал кој уште еднаш покажа дека македонската песна живее, се создава и има своја публика.

Екипата на музичкиот портал Музика24 упатува голема благодарност до градоначалникот на Општина Валандово, Ѓоко Камчев, за одличниот пречек, гостопримството, вниманието и желбата сè да биде организирано беспрекорно. Голема благодарност и до:

  • Ѓоко Павлов – техничкиот директор, без кого фестивалот не би бил тоа што е денес,
  • Горјан Стојановски – извршен директор,
  • и Илчо Јованов – уметнички директор, како и младиот Александар дел од Општина Валандово кој безрезервно се грижеше за нас новинарите. Голема благодарност за се.

Се надеваме и веруваме дека следното, 40-то јубилејно издание на „Фолк Фест Валандово“ ќе биде фестивал за кој уште долго ќе се зборува и од кој многумина ќе учат како се негува и чува македонската музичка традиција.

До следната година – слушајте македонска музика и да ни е жива песната македонската!

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Фото: Музика24.мк

Можеби ќе ве интересира: