Со звукот на гајдите, кавалите и тапаните, повторно ќе оживее македонската традиција. На 22 и 23 мај 2026 ќе се одржи 52-то издание на фестивалот на изворно творештво Фестивал „Пеце Атанасовски“, кој и оваа година ќе ги обедини љубителите на автентичната народна музика.
Подготовките за годинашново издание се во полн ек, а организаторите најавуваат богата програма исполнета со звуците што со векови ја раскажуваат приказната за македонската душа. Свеченото отворање е закажано за 22 мај во 18 часот, на камената бина на плоштадот „Александрија“ во Прилеп – каде што ќе започне музичката приказна исполнета со духот на традицијата. Втората фестивалска вечер ќе се одржи на 23 мај, исто така од 18 часот, на Рудина во Долнени – амбиент кој со својата природна убавина и автентичност дава посебна тежина на секоја изведба. Таму, како што велат организаторите, ќе „проговори“ наследството преку гајдите, кавалите, тапаните и зурлите, а песната ќе се разлее како жива врска меѓу минатото и сегашноста.
Фестивалот, кој повеќе од половина век претставува симбол на зачувување на македонското културно наследство, и годинава ќе донесе богата програма. Над 200 учесници од цела држава – од најмлади до највозрасни – ќе настапат со изворни песни и инструменти, пренесувајќи ја магијата на традицијата низ генерации. Посебен акцент ќе биде ставен и на едукацијата на младите. Во рамки на фестивалот, во куќата на фестивалот во Долнени ќе се одржи работилница каде младите ќе имаат можност да ги откријат тајните на изворните инструменти и да се доближат до автентичниот мелос. Овој сегмент, велат од организацискиот тим, е клучен за опстанокот на културното наследство.
Како национална манифестација, фестивалот континуирано се одржува под покровителство на Министерство за култура на Македонија, со поддршка од локалните самоуправи. Во пресрет на настанот, организацискиот тим оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, при што беа разгледани подготовките и организациските детали.
Со својата мисија – зачувување, негување и пренесување на изворниот мелос – Фестивалот „Пеце Атанасовски“ останува симбол на културниот континуитет и жива врска со корените.
Текстот го подготви: Андреа Андреевиќ
