Пред самиот почеток на второто издание на „Фолк Фест Владимирово“, екипата на музичкиот портал Музика24.мк, заедно со колегите од интернет порталот Свет Аустралиа, пристигнаа ден порано во Малешевскиот крај со цел одблиску да ја почувствуваат атмосферата која веќе се создава околу фестивалот што полека, но сигурно, прераснува во еден од најзначајните музички настани од ваков тип во Македонија.

Нашата новинарска екипа сместена е во еден од најпознатите и најреномирани хотели во овој регион – хотелот „Манастир“, место кое со години е симбол за врвно гостопримство, мир, природа и традиција. Уште при самото пристигнување можеше да се почувствува топлината и искреноста по кои Беровчани се надалеку познати. Малешевскиот регион, препознатлив по Разловечкото востание, по богатата револуционерна историја, по традиционалните малешевски обичаи, чистиот воздух, густите шуми и познатото беровско сирење, од минатата година доби уште едно значајно културно обележје – „Фолк Фест Владимирово“. Фестивал кој од година во година сè повеќе ја доближува македонската народна песна и традиција до овој прекрасен крај од источна Македонија.

Благодарение на Г-нот Горан Алачки, идеен творец и главен организатор на фестивалот, деновиве Владимирово и Берово живеат во знакот на музиката, традицијата и македонската песна. Без неговата визија, ентузијазам и љубов кон македонскиот фолклор, овој фестивал немаше да стане реалност, а токму затоа денес сè повеќе добива на значење кај публиката и музичарите.
Годинава фестивалската сцена во Домот на културата во Владимирово ќе обедини големи музички имиња и нови композиции кои веќе предизвикуваат огромен интерес во јавноста. Честа вечерва да го отвори второто фестивалско издание му припадна на легендарниот Драган Мијалковски со емотивната композиција „Крушата на татко ми“.Публиката ќе има можност да ужива и во настапите на: Жаклина Узунова со „Зарем љубовта е таква“, Нино Величковски – „Дојде зор заман“, Виданка Георгиевска – „Абре дедо стар бел дедо“, Круме Спасовски – „Дојди ми лудо“, Смиља Митревска – „Судбина“, Ванчо Тарабунов – „Еј Малеш мил мој Малеш“, Благоја Грујовски – „Сакам да ти кажам“, Елена Андоновска – „Седум години минаа“, Перо Христов – „Ни црно вино ни бело вино“, Благица Калева – „Цело Берово оро заигра“, како и Горан и Ленче Кукиќ со песната „Чувајте ни ја нашата песна“.

Како што дознава Музика24, за најслушана песна помеѓу двете фестивалски изданија ќе биде прогласена „Ракија се пече“ во изведба на Ленче Кукиќ. Наградата ќе ја додели новинарот од Вечер Прес – Дуле Миќиќ.
Судејќи според атмосферата која веќе владее во Малешевијата, љубителите на македонската народна музика ги очекува незаборавна фестивалска вечер, исполнета со емоции, традиција и песни кои долго ќе се паметат. Сите оние кои не можат лично да бидат дел и да присуствуваат на фестивалот во Владимирово, истиот Македонската Радио и Телевизија во живо ќе го пренесува на својата програма.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
