Центарот за култура – Битола денеска го најави 51-то издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, кое ќе се одржи од 20-ти до 30-ти јули под мотото „Старото е ново“.
Предпрограмата на фестивалот ќе трае од 20-ти јули а официјалната програма започнува со свеченото отворање на фестивалот, кое е закажано за 26-ти јули во Хераклеа. На отворањето свој концерт ќе одржат Ансамблот „Танец“ и Ансамблот „Ладо“ од Загреб, Хрватска.
„Овој фестивал е од посебен национален интерес, фолклорот не дефинира како нација, како држава и зборува за нашиот идентитет, оттука и намерата секогаш да го претставиме и градот Битола и државата достоинствено во светот” – истакна Маја Андоновска Илијевски, директорка на битолскиот Центар за култура на денешниот прес.
На овогодинешното издание се очекуваат гости од Србија, Хрватска, Албанија, Грција, Русија и САД. Ова е прв пат на фестивалот да гостува фолклорен ансамбал од САД, па затоа се очекува American Folk Ensemble од Јута да бидат главна атракција оваа година. Во рамки на предпрограмата и официјалната програма покрај традиционалните концерти и дефилеа, ќе се одржат изложби, детски ликовни работилници, работилница за везење, семинар на традиционална игра и песна, саем на книга, промоции на зборници и трудови, предавања, кино-проекции итн.
„Илинденски денови е сцена на која старото се пренесува и афирмира како ново на генерациите што доаѓаат. Фестивалот не е инцидент туку процес, фестивалот е систем кој функционира. Фестивалот не е само игра и песна, туку и збор и наука, и тоа сакаме да го развиваме што повеќе и во соработка со стручни лица” – истакна Валентин Соклевски кој како селектор долги години стои зад комплетната програма и организација на фестивалот.
Целата програма ќе се одржува на отворено, на повеќе локации во градот како: Хераклеа, Ракомотеното игралиште, Широк Сокак, Старата чаршија, Магазата итн. Фестивалот „Илинденски денови“ е единствен во земјата кој е член на CIOFF (International Council of Organizations of Folklore Festivals and Folk Arts). Оваа година специјален гостин ќе биде токму претседастелот на CIOFF, Филип Бусон, кој ќе го проследи целиот фестивал.
