Од 19 до 21 јуни, градот на хероите и музиката повторно ќе стане центар на класичната гитара и уметничката инспирација. По седумнаесетти пат ќе се одржи Меѓународниот фестивал на класична гитара „П.С. Гитар Фест Крушево“, кој во уникатниот амбиент на Спомен-куќата на Тоше Проески ќе донесе три дена исполнети со врвна музика, емоции и незаборавни концертни доживувања.
Фестивалот традиционално ги обединува реномираните гитарски уметници и младите музички таленти, создавајќи простор каде што се среќаваат искуството, знаењето и љубовта кон музиката. Годинешната концертна програма започнува на 19 јуни во 20 часот со настап на познатиот српски гитарист Милош Вуковиќ, чија виртуозност и исклучителна музикалност го имаат афирмирано на бројни меѓународни сцени.
На 20 јуни во 20 часот пред публиката ќе настапи романското дуо „Артисимо“, ансамбл препознатлив по својата впечатлива сценска енергија и суптилни музички интерпретации кои освојуваат публика ширум Европа.
Фестивалот ќе биде заокружен на 21 јуни со традиционалниот завршен концерт на учесниците од школата за гитара под менторство на м-р Васко Пиличев. Покрај изведбите на младите гитаристи, посетителите ќе имаат можност да слушнат и специјални аранжмани на најпознатите песни од Тоше Проески, интерпретирани на класична гитара како симболична почит кон неговото музичко наследство.

Во текот на своето постоење, „П.С. Гитар Фест Крушево“ израсна во еден од најзначајните фестивали од ваков вид во регионот. Неговата мисија останува непроменета – промоција на врвните уметнички вредности, поддршка на младите таленти и афирмација на класичната гитара како универзален музички јазик. Посебна димензија на фестивалот му дава и неговата длабока поврзаност со Тоше Проески и неговото семејство. Поддршката и покровителството на семејството Проески низ годините претставуваат силна потврда за значењето на оваа културна манифестација и нејзината улога во зачувувањето на вистинските музички вредности.
Фестивалот е основан од покојниот Христо Христоски – Мулар, истакнат музички педагог и еден од првите учители на Тоше Проески. Неговата визија денес успешно ја продолжува неговиот син Перо Мулар, кој со голема посветеност го развива фестивалот и ја продолжува неговата благородна мисија. Токму затоа не е случајно што оваа музичка манифестација се одржува во Спомен-куќата на Тоше Проески. Тоа е место каде што симболично се испреплетуваат приказните за еден голем музички учител, неговиот најпознат ученик и новите генерации уметници кои го продолжуваат патот на музиката.
Сите фестивалски концерти се со слободен влез.
Организаторите ги покануваат сите љубители на класичната музика, гитарата и уметноста да бидат дел од XVII издание на „П.С. Гитар Фест Крушево“ и да уживаат во трите дена посветени на музиката што зборува директно до срцето.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
