На вчерашното 31-во издание на “Охрид фест” во рамки на фолк вечерта, настапија голем број на познати македонски музички имиња кои на сцената донесоа многу емоции и љубов пренесени преку музиката и песната. Нашата позната македонска фолк пејачка Ленче Кукиќ е една од нив која што освен награда од акредитираните новинари на “Охрид фест 2024”, таа заслужено ја доби и првата награда од стручното жири на фестивалот.
Ние од музичкиот портал Музика24 пред самото доделување на наградите имавме привилегија да поразговараме со Ленче и да ни објасни и даде повеќе информации околу самата композицијата “Добри ангели”, и нешто повеќе за и околу нејзината музичка кариера.
Музика24: Вечерва на “Охрид фест” отпеа навистина преубава и емотивна балада. Чие дело е оваа песна, односно, кој е авторскиот тим на “Добри ангели”?
Ленче Кукиќ: Комплетен автор на песна “Добри ангели” која што ја отпеав вечерва е Дејан Георгиевски-Ѕеле. Не би коментирала многу за песната, бидејќи мислам дека после фестивалската изведба самата песна ќе си најде свои обожаватели. Оваа песна е нешто вон сериско што досега е отпеано на фестивалите. Така јас размислувам после она што го слушнав вечерва, песната некако како да се одели од останатите песни на фестивалов. Со различен текст, со различен аранжман и со мојата изведба, нормално. Јас ја донесов така како што ја почувствував песната.
Музика24: Дали по завршувањето на фестивалот и спласнување на емоциите, имаш во план да снимиш видео спот за оваа песна?
Ленче Кукиќ: Секако, секако… самиот текст си бара видео спот. Тоа во текстот, во песната… тоа е една приказна која што заслужува да биде ставена на видео спот.
Музика24: Како голем професионалец, музичар, со огромно музичко искуство зад себе, што почувствува за прв пат кога ја слушна “Добри ангели” во студио? Како се чувствуваше?
Ленче Кукиќ: Да ви кажам искрено, и тогаш и сега, а и вечерва додека ја интерпретирав на сцената се наежив, бидејќи е многу реална.Јас мислам дека нема жена која што нема да ја погоди оваа песна, посебно жени кои се засегнати со ситуацијата која што јас ја пејам во песната.
Музика24: Дали може наскоро да очекуваме нешто ново од Лечне Кукиќ, и ексклузивно дас ни откриеш за што станува збот?
Ленче Кукиќ: Да, секако. Јас знам да изненадувам. Со ова што вечерва го отпев продолжува соработката со Дејан Георгиевски-Ѕене. Имаме многу изненадувачки песни кои се необични. А плус, повеќе пати она што го најавуваме проектот “Лектира” мислам дека веќе треба да експлодира (се смее). А проектот “Лектира” за сите оние кои што не се информирани, претставува два гласа и хармоника. Значи, пееме јас и Горан во приодружба на господинот Алачки – изведба на македонски песни, но токму отпеани на вистински македонски начин, без било какви примеси. Затоа и така го нарековме проектот и со тоа сакаме на младите генерации да им го доловиме она пеење што некогаш се пеело и денес за жал многу ретко се пее и треба да се пее во иднина.
Разговорот од Охрид за Музика24 го подготви: Иван Јосимовски
Фото: Охрид фест
