Како и секоја година, и оваа традиционално во градот под Исарот, градот на Пастрмалијата, во градот Штип се одржа овој пат 37-то издание на Фестивалот на забавни мелодии “Макфест 2022”. Фестивалот оваа година се оддржа на 21-ви и 22-ри октомври под мотото: “37 години бранови на македонската музика”. И се изгледаше така добро, убаво и совршено кога станува збор за ваков голем фестивал и неговата организација, но тоа всушност и не беше така.
Пред и се, ние медиумите ниту бевме информирани нити пак некој не извести дека на 17-ти октомври ќе се оддржи првата прес-конференција каде ќе може новинарските екипи од речиси сите музичко-забавни редакции кои пишуваат и ја промовираат македонската музика да можат да бидат дел од истиот. Во изминатите години пресовите за овој голем музички фестивал се случуваа во Скопје, да имаат привилегија и можност сите новинари да присуствуваат знаејќи дека речиси сите поголеми национални радио, тв и портали се стационирани токму тука, а не како сега во Штип, само локалните радио и тв станици, и по некој локален интернет портал.
И веќе не знаеме по кој пат и зошто, организаторот на Фестивалот на забавни мелодии “Макфест” и раководството на истиот упорно ги игнорираат и забораваат македонските медиуми. Седмата сила без која што ниту еден настан, ниту пак еден музичар не може да опстои на македонската музичка сцена. Сите добро знаеме дека речиси сите национални, поважни, читани, гледани и слушани медиуми се сместени во главниот град – Скопје, од каде пак мора да патуваат и да бидат сместени во местото каде се случува и одржува музичкиот настан, фестивал или концерт, особено кога истиот се одржува вечерно време и се одржува неколку вечери по ред.
Интересно е тоа што редакцијата на македонскот специјализиран музички портал Музика24 се обиде преку e-mail да исконтактира со Градоначалникот на Општина Штип, Г-нот Иван Јорданов. Општината меѓудругото е и организатор на “Макфест” и искрено очекувавме позитивен одговор како за нас, така и за останатите медиуми дека сме добредојдени во градот Штип каде ќе бидеме пречекани од општинарите и како медиуми кои известуваат за еден од најпознатиот и најстар музички бренд во Македонија – музичкиот фестивал “Макфест” ќе бидеме и соодветно сместени за времетраење на истиот. Но напротив наместо тоа, добивме игнорирање од страна на лицето задолжено за фестивалот и акредитирање на истиот, не јавување на телефон, залудно испратени смс пораки… а позитивно нешто во сето ова беше што добивме јавување од една млада и навистина културна девојка која работи во општината која ни вети дека ќе не контактира откако ќе провери дали и какви се сместувачките капацитети во градот. Да, таа не контактираше еден ден пред одржувањето на фестивалот за да не извести дека за жал и оваа година нема да има сместувачки капацитети кои се предвидени за новинарите. Тука се поставуваат пред се неколку прашања, зошто општината знаејќи си ги своите сместувачки капацитети не смогне сили да направи нешто во врска со проблемот сместување, бидејќи истиот се провлекува секоја година и цело време се вртиме во маѓепсан круг. А второто нешто што би сакале да прашаме, како и на кој начин ги сместивте сите оние битни и небитни личности, “приколки” кои беа само декор и придружба на важните од поважните?!
Годинава нема да го коментираме “Макфест”, иако рака на срце има и што да се коментира и да се напише.
И наместо годинава во вистинска смисла на зборот да се врати и надополни сјајот кој долго време беше најавуван и очекувавме нешто големо и спектакуларно, немаше ни С од сјај.
Наместо овогодинашното макфестовско издание да помине со огромно медиумско внимание и огромна фама, со многубројни интервјуа со изведувачите, репортажи за градот и сето она што е интересно во градот Штип, дружење, комуникација со изведувачите, композиторите, организаторите… нешто за што ќе се зборува и пишува со денови и денови потоа, очигледно е дека организаторот и одговорните на фестивалот и годинава тоа им беше во втор или трет план и ниту тоа им беше целта ниту пак нешто повеќе од тоа. Па и што може реално да се очекува кога самиот фестивал нема соодветен ПР тим, а и да го има истиот за кој не знаеме како медиум, добро и успешно се криеше цело време, што нели не е во ред.
И на крајот само ќе заклучиме дека и оваа година помина како што помина, задоволни се само тие кои “брцнаа со рачето во медот” и за жал сакале ние или не, слободно може да заклучиме дека Фестивалот за забавни мелодии “Макфест” од Штип години и години ќе му треба да го врати или обнови тој сјај на фестивалот за кој што зборуваат со години наназад. За нас овој фестивал, за жал, е и ќе остане локален настан и локален музички фестивал, забава и локално собирање и прославување на македонската музика која секако заслужува многу повеќе од ова.
И дефинитивно, без седмата сила ништо не правите.
