Фестивали

Марјана Станојковска и Васил Зафирчев домаќини на Интернационалната вечер на „Охрид фест“

Во многуте традиции што за време на своето постоење ги создаде „Охрид-фест“, најомилена е водителската двојка на Интернационалната вечер, Марјана Станојковска и Васил Зафирчев. Тие двајцата едноставно се толку спонтани, така привлечно доминираат на сцена што се разбираат и со поглед. Плус, фантастично танцуваат и се големи љубители на музиката.

„За мене е задоволство и уживање повеќе годишната соработка со „Охрид -Фест“, фестивалот кој речиси три децении континуирано ја негува македонската народна и забавна музика, ги обединува најзначајните музички имиња од регионот, гради музички мостови на пријателство, им дава одлична можност за промоција на младите, а воедно ги афирмира и промовира вечните убавини на Охрид и на Македонија“, вели Зафирчев.

„Инаку, со прекрасната Марјана не врзува долгогодишно пријателство и соработка, а покрај модерацијата, не обединува и љубовта кон музиката и танцот. Се радувам што и годинава заедно со неа ќе бидеме домаќини на Интернационалната вечер на фестивалот и ќе се дружиме со изведувачите и публиката на сцената на „Долни Сарај“, додава водителот Васил Зафирчев

„Со Васил сме супер тим“, се надоврзува Марјана и додава: „Ми одговара неговата енергија, неговиот сензибилитет, одлично се согласуваме. Тој е првенствено голем уметник, кој поседува извонреден талент и за сценски движења, токму затоа и кога се подготвуваме за „Охрид фест“ одлучуваме да вметнеме некоја интересна танцова кореографија со која ќе ја изненадиме публиката. Да се работи со него претставува вистинска чест и задоволство. Патем, многу ја сакам музиката и се радувам на „Охрид фест“, бидејќи е единствен фестивал што гради регионални мостови на музиката и како што потенцира уметничкиот директор на Интернацоналната вечер, Горан Шарац- “Охрид- фест“, тоа е како Евровизија на Балканот. Се гледаме на 3 септември во Охрид!“, вели водителката на „Охрид фест“, Марјана Станојковска.

Можеби ќе ве интересира: