Фестивали

Мелодиите што ќе ја раскажат Македонија – конкурс отворен за „Лешочки Фолк Фест 2026“

Македонската фолклорна сцена повторно добива силен импулс – отворен е конкурсот за учество на „Лешочки Фолк Фест 2026“, настан кој со години ја негува и оживува традиционалната музичка душа на земјата. Како што дознава музичкиот портал Музика24, новото издание на фестивалот ќе се одржи на 27 август 2026 година, во магичниот амбиент на манастирскиот комплекс во Лешок – место каде музиката, историјата и духовноста се спојуваат во едно незаборавно доживување.

Овој фестивал не е само сцена – тој е чувар на македонската традиција. И оваа година, организаторите ја продолжуваат мисијата да го заштитат и афирмираат фолклорното творештво, давајќи простор за нови композиции кои го носат духот на македонската мелоритмика.

Како што велат организаторите, можат да се пријават и да учествуваат сите домашни автори и изведувачи кои создаваат и изведуваат новокомпонирана музика инспирирана од македонскиот фолклор. Темите се отворени и шаренолики – од свадбарски и чалгаџиски ритми, до родољубиви и љубовни приказни.

А за да влезат во конкуренција, кандидатите треба да достават:

  • нотен запис со хармонски симболи,
  • текст на песната и
  • демо-снимка.

Со самото пријавување, авторите се согласуваат нивните песни да бидат дел од фестивалската продукција – од сценска изведба до снимање и објавување. Интересно е што стручната комисија го задржува правото за евентуални креативни интервенции, што дополнително гарантира квалитет и автентичност на финалниот производ. Краен рок за пријавување на конкурсот за учество на „Лешочки Фолк Фест 2026“ е 15-ти јуни 2026 година. А вашите пријави можете да ги испратите на следниот маил: [email protected]. Дополнителни информации и контакт на можете да добиете на телефонските броеви: 070/262-355, 078/318-298 и 076/493-783. Доколку пак не пристигне доволен број квалитетни композиции, организаторите велат дека ќе посегнат по директни нарачки – јасен знак дека квалитетот останува приоритет.

Со други зборови – ако имаш песна што раскажува приказна, ако во неа се слуша Македонија, и ако веруваш дека фолклорот има иднина – Лешок е твојата сцена ова лето.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: