Фестивали

Младата македонска музичка ѕвезда Валдера со емотивната балада „Сега збогум“ ќе настапи на јубилејниот 40-ти Макфест (Фото)

Како што дознава музичкиот портал Музика24, младиот, талентиран и харизматичен музичар Влатко Иљачев, познат под уметничкото име Валдера, оваа година ќе биде дел од јубилејното, 40-то издание на легендарниот Фестивал на забавни мелодии – „Макфест“ кое традиционално ќе се одржи во Штип. Валдера ќе настапи во рамки на првата фестивалска вечер, со емотивна љубовна балада која, како што вели самиот, „ќе ги погоди сите кои што изгубиле некоја личност што прерано си отишла од овој свет“.

Песната носи наслов „Сега збогум“, а интересен факт е што комплетен автор на музиката, текстот и аранжманот е самиот Валдера – што уште еднаш ја потврдува неговата автентичност и уметничка зрелост.

Во разговор за Музика24, Валдера вели:

Песната „Сега збогум“ е приказна што ја носам одамна во себе. Таа говори за љубовта која и кога завршува – не исчезнува, туку живее во нас. Се надевам дека публиката ќе ја почувствува искреноста и емоцијата што ја вложив“, емотивно изјави Валдера за Музика24.

Со својот препознатлив вокал и современ музички израз, Валдера е подготвен да ја освои фестивалската публика и да донесе свежа енергија на големата македонска музичка сцена. Познат по своите оригинални композиции, сценски настапи и музички соработки со Cafe de Anatolia и DJ-и како Nickarth и Ерик Фокс, Валдера продолжува да ја гради својата приказна низ спојот на поп, соул и баладски елементи, секогаш со силна емоција во центарот.

Ние од музичкиот портал Музика24 му посакуваме многу среќа, успех и искрено се надеваме дека ќе го видиме и во втората – ревијална вечер на Макфест, каде што најдобрите настапи традиционално повторно ја воодушевуваат публиката.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: