Како што не известуваат организаторите на „Тумба фест“ од Здружението „Ризница“ од Куманово, и оваа година продолжува традиционалното организирање на единствениот фестивал на светот кој ги негува, промовира а со тоа и сочувува дијалектите како историско културно наследство. Неколку години наназад освен песни исполнети на македонски литературен јазик и кумановскиот дијалект, се интерпретираат и песни на другите дијалекти од нашата држава, па така се пееше на битолски, прилепски, гевгелиски и други дијалекти.
Годинава ќе се интерпретираат песни на дојрански, валандовски, кавадаречки и кривопаланечки, охридски и ресенски дијалект, но секако најголем дел од песните ќе бидат интерпретирани на нашиот кумановски дијалект.
Посебно доживување ќе биде една песна која зборува за врањанец кој сакал нашата преубава Јовка да си ја води во Врање во исполнение на гостинот од Врање, Бранимир Стошиќ – Каце која ќе биде исполнета на нам блискиот врањски дијалект.
Ќе се пее за Дојран, езерото на еден навистина интересен начин, во песната се испреплетуваат македонскиот литературен јазик, но и на дојранскиот и кавадеречкиот дијалект, песната е комплетно изработена од легендарниот Љупчо Бубо Каров, попознат како Цацко, кој ќе настапи со извонредните „Трио Гранде Плус“, се надеваме дека оваа песна не само што ќе измами големи ракоплескања од публиката присутна на плоштадот туку и песната, која е изработена во еден тамбурашки стил ќе биде многу слушана во иднина, и како што милуваат да кажат музичарите ќе прерасне во хит, дури и ќе биде обнародена, како што има обнародено повеќе песни од минатите изданија на „Тумба фест“ („Голем мераклија“, „Ој Веро Верице“, и други)
Ќе се пее и за култната Иванка од Ресен, кукла која е многу популарна во овој реон, и сите моми се идентификуваат со неа, а на верскиот празник Иванден дури и се натпреваруваат која ќе биде најлична и која ќе биде Иванката. Песната ќе ни ја донесе Ташко Каранфиловски роден ресенчанец.
Како што веќе споменавме, „Тумба фест“ е единствениот Фестивал на светот кој ги негува дијалектите, но и раскажува приказни, специфични за регионите од каде ни доаѓаат, и на тој начин амбицијата ни е да го негуваме историското културно наследство, кое во секој случај треба да го потенцираме особено во овие времиња кога се побргу се живее, а културното наследство е подложено на заборавање.
„И оваа година имаме голем број на познати наши интерпретатори, на сцената покрај споменатите ќе се појават Катерина Брезева со групата „Соната“, за прв пат еден интересен дует Ѓоко Ѓорчев и Јованка Јо, Круме Спасовски, Лени Партикова, Петар Нечовски, од нашите кумановски артисти ќе се појават неодминливиот Нино Величковски, Дејан Спасовски, групата „Династија“ а посебно задоволство ни причинува што на сцената ја враќаме примадоната на македонската народна песна нашата Маргица Антевска која ќе исполни прекрасна песна со наслов „К’т ќе дојдеш у Куманово“ во која се воспеваат Батко Ѓорѓија, нашиот хумор, боемството како и познатите улици и маала кои се карактеристични за градот во кој живееме“, вели Драган Јаким од Здружението „Ризница“ од Куманово кое е и организатор на фестивалот.
На Фестивалот кој е од ревијален карактер ќе се доделуваат две награди, Награда за животно дело и Награда за најслушана песна помеѓу двата фестивала.
29-ти август, почеток 20 часот на градскиот плоштад Куманово, „Тумба фест 2024“.
