Со оперскиот ансамбл од градот Осијек од Република Хрватска на 29-ти јуни ќе стартува 34-то издание на “Штипско културно лето”. Како што вели Кирил Панајотов советник за култура во општина Штип, во тек се финалните подготовки за почеток на најстарата штипска културна манифестација.
“На 29-ти јуни ќе се реализира 34-то издание на “Штипско културно лето” со свечено отворање во уметничката галерија Безистен со оперски ансамбл од Хрватска кои ќе ја изведат “Боеми” од Џакомо Пучини. Манифестацијата ќе трае еден месец, а од другите содржини би можеле да ги издвоиме гостувањата на музички артисти од Аргентина, Хрватска, Србија и нормално од нашата држава”, вели Панaјотов.
Штипската публика годинава на “Штипско културно лето” ќе го види и театарскиот ансамбл од Врање, потоа претстави од Народниот театар-Штип, а во рамките на оваа манифестација ќе се одржи и третиот по ред Интернационален фестивал на пејачки групи. Првично беа предвидени 17, но сега пред самиот почеток на манифестација најавено е дека ќе има вкупно 25 содржини.
Освен тековните подготовки за “Штипско културно лето”, во тек се и подготовките за фестивалот на забавни мелодии “Макфест”, кој е во фаза на комплетирање на композииците, а останатите технички подоготовки се во завршна фаза. “Макфест” оваа година ќе се одржи на 10-ти, 11-ти и 12-ти октомври, а музичкиот портал уште одсега Ви најавува дека одтаму ќе известува со своја екипа.
