Како и секоја година, и оваа, после официјалното завршување на „Макфест“ организаторот со сите учесници и акредитирани новинари заминуваат на однапред организирана фестивалска прослава каде што се прославува уште едно успешно поминато фестивалско издание. За разлика од изминатите години кога прославата се одржуваше во познат ресторан или објект на градот, овој пат тоа беше во штипското кафуле „Caffee Lab“.
За забавта беа задолжени „Куку Леле“, а со нив и уметничкиот директор на „Макфест“, Роберт Саздов. Микрофонот потоа премина во рацете на дел од макфестовските ѕвезди, Јован Јованов, Таско, Теа Трајковска, Елена Ристеска… кои направија одлична атмосфера.
И се ќе беше совршено да не се случеше финалниот шок кога ни пријде келнерот и ни испорача сметка за испиените пијалоци. Па прашувам, каква е таа покана на фестивалска забава кога треба сами да си платите пијалкот. Келнерот ни понуди рефундација со бонови за кои ние прв пат слушнавме со што значи некои од учесниците добиле бонови. Тоа очигледно е дека некои биле привилегирани и имале гратис пијалок, а новинарите како и секогаш се мора да си платат од џеб.
Штета што ваквите ситници го расипаа впечатокот за убавата забава. На крајот си го плативме пијалакот, а на организаторите ќе им порачаме во иднина кога ќе прават забава треба да ги почестат новинарите барем со еден пијалок гратис.
Фото: Caffee Lab
