Фестивали

Од оваа година Грин Бич фестивал на нова локација

Најголемиот фестивал на електронската музика кај нас, Грин бич фестивал, ова лето ќе се одржува на нова локација на крајбрежјето на Охридското Езеро и тоа за прв пат во прекрасната Струга – славниот град на поезијата и на волшебниот Црн Дрим. Со поддршка од локалната самоуправа во Струга, градот и Фестивалот ја добиваат новата Брин бич брендирана плажа која се наоѓа во непосредна близина на хотелот “Еуротел” и која ги гарантира сите високи организациски стандарди неопходни за реализација на музички настан од калибарот на Грин бич фестивал.

Деветта година по ред Грин бич фестивал продолжува да се одржува со импозантни хедлајнери од глобалната електронска сцена, кои гостуваат кај нас во врвот од својата кариера и со кои овој настан прерасна во синоним за најквалитетно електронско доживување. Ова лето, Грин бич фестивал ќе се одржи на 27-ми јули, а публиката на фестивалот ќе има привилегија да го погледне премиерниот настап во Македонија на најпопуларната дама на светската електронска сцена, прогласена и за најдобар диџеј за 2017-та година – Нина Кравиц.

Сибирската техно дива е позната по бескомпромисните и енергични диџеј-сетови со музика која многумина не би се осудиле да ја “вртат”, а во изминатата година имаше и завршни сетови на одбрани фестивали за кои потоа се зборуваше низ целата планета. Таа важи за една од најхаризматичните личности на електронската сцена, а нејзините настапи се прочуени по уникатното и интензивно чувство со кое ја восхитува публиката. На 27-ми јули, во врвот од нејзината кариера, најзначајната техно дама на денешницата конечно гостува за прв пат во Македонија, со настап на Грин бич фестивал во Струга.

Од денес 25-ти април започнува продажбата на првиот контингент влезници за Грин бич фестивал кои ќе се продаваат по најповолната, промотивна цена: 500 денари, а која важи само за првите 1.000 купувачи. Продажбата ќе се спроведува во сите продажни места на МкТикетс и онлајн.

Подготви: Влад Петров

Можеби ќе ве интересира: