Од 28-ми до 30-ти август, плоштадот „Димитар Беровски“ ќе пулсира во ритамот на традицијата, музиката и забавата. „Етно Плоштад Фестивал 2025“ и оваа година со богата тридневна програма, ветувајќи уникатно искуство кое ќе ги обедини старите обичаи со современата уметничка енергија.
Организаторите и годинава најавуваат вистински празник за сите сетила – на сцената ќе се изведуваат настапи во живо со традиционални инструменти, македонски и меѓународни ритми, како и современи аранжмани инспирирани од фолклорот. Љубителите на културата ќе можат да уживаат во културно-уметнички програми, танцови изведби и изложби, додека плоштадот ќе биде исполнет со саем на традиционални производи.
Посетителите ќе имаат можност да вкусат малешевски специјалитети, подготвени од локални мајстори на кујната, и да купат рачни изработки и домашни производи, кои го носат духот на регионот.
„Берово секоја година докажува дека е дом на гостопримливост, вкусна храна и автентична музика. Ова не е само фестивал – ова е средба на генерации и култури“, велат организаторите.
Во продолжение, прочитајте ја целосната музичко-забавна програма која што три дена ќе се случува во центарот на Малешевијата, во центарот на Берово:
Четврток 28.08.2025
- Свечено отворање на манифестацијата „Етно Плоштад Фестивал“ и Саем на традиционални малешевски производи „Малешевијата на дланка“,
- Настап на Културно-уметнички друштва од Берово и Македонија,
- Игор Димовски и Пауза за ракија и
- DJ-и
Петок 29.08.2025
- Фестивал на детски песни „Малешевско ѕвонче“,
- Настап на Андријана Петрушовска и
- познатата српска група „Амадеус Бенд“
Сабота 30.08.2025
- познатиот македонски поп пејач Мики Секуловски,
- српската фолк легенда Харис Џиновиќ и
- DJ-и

Со својата природна убавина и традиционален шарм, Берово повторно ќе стане центар на случувањата во Источна Македонија. Пораката е повеќе од јасна – спакувајте позитивна енергија и дојдете да ја почувствувате магијата на Малешевијата.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
