Од 24 до 27 мај, љубителите на музиката ќе имаат ретка можност да уживаат во една од најсилните програми досега на ОФФест, фестивал кој традиционално ја слави музичката разноликост и квалитет. На сцените на Македонската опера и балет (МОБ) и Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе настапат врвни артисти од осум земји од светот, носејќи жанровска и емоционална експлозија без преседан.
Големата ѕвезда на годинашниот ОФФест е грандиозната португалска пејачка Maria João, која после премиерата во Лисабон својот нов проект „Abundância“ за првпат ќе го претстави пред европска публика токму во Скопје. Со нејзиниот неверојатен шарм и магичен глас, João веќе четири децении ја освојува светската сцена.
Фестивалот ќе го отворат маестралните Драган и Ратко Даутовски, проследени со настапот на легендарниот италијански фолк ансамбл Canzoniere Grecanico Salentino, кој годинава слави 50 години од своето основање. Во втората вечер, љубителите на иновативниот звук ќе уживаат во енергичниот настап на финскиот виртуоз на хармоника Kimmo Pohjonen.
ОФФест останува верен на традицијата да ја прослави и богатата африканска сцена. Годинава, Скопје ќе го угости гитарскиот мајстор Vieux Farka Touré, познат како „сахарскиот Хендрикс“, син на легендарниот Али Фарка Туре. Африканската вечер ќе продолжи со настапот на Florence Adooni, најистакнатото ново име на музичката сцена на Гана.
Последната вечер ќе ја обележи прекрасниот глас на словачката пејачка Júlia Kozáková, додека фестивалот ќе заврши во гитарски стил со извонредните Mordái од Унгарија и македонските алтернативци Lufthansa, кои ја претставуваат свежата енергија на нашата сцена.
Во рамките на придружната програма, публиката ќе може да го проследи и култниот бразилски документарец „Saravah“, дополнително збогатувајќи ја раскошната понуда на фестивалот. ОФФест годинава уште еднаш докажува зошто е еден од најзначајните културни настани во регионот, нудејќи вистинско патување низ музичките традиции и иновации на светот.
