Јубилејното 40-то “Скопско лето” официјално ќе биде отворено на 21-ви јуни со гала оперски концерт на Македонската опера и балет по диригентство на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ на плоштадот “Мајка Тереза” со почеток во 21:30 часот. Оваа година “Скопско лето” ќе се одржува од 19 јуни до 31 јули на повеќе локации. Организатор на “Скопско лето” е Дирекцијата за култура и уметност – Скопје, а и оваа година фестивалот е поддржан од Град Скопје и Министерството за култура.
Директорот на Дирекцијата за култура и уметност – Скопје Никола Глигоров на вчерашната прес-конференција информира дека публиката на меѓународната манифестација “Скопско лето 2019” најмногу ќе може да проследи концерти, како и ликовни изложби, претстави, мултимедијални проекти, ќе има филмска програма, традиционалното кафе кино, ќе има програма и за најмладите.
“Како што почнавме пред 40 години со домашните уметници, така ќе биде и годинава. Имаме два настани, едниот е во најава на “Скопското лето” – “Грабење во просторот” (ретроспективна изложба 1981 – 2019) на Глигор Стефанов, наш дамнешен пријател и соработник. Изложбата ќе биде отворена на 19-ти јуни во 21 часот во Музејот на современа уметност. На 21-ви јуни, како што веќе е традиција, отворањето на “Скопското лето” го посветуваме на музика, на Светскиот ден на музиката истовремено одбележувајќи го и првиот ден на летото. Отворањето ќе биде со гала концерт на Националната опера и балет”, рече Глигоров. Додаде дека во изминатите години повеќе од 20-на држави, уметници и автори од целиот свет биле учесници на “Скопско лето”.
Уметникот Глигор Стефанов изјави дека по 30 години се враќа на македонската сцена, а е отсутен од 1986 година кога имал изложба во Музејот.
“Целата изложба е поделена на три дела. Имаме една голема инсталација, во должина од 100-на метри која ги отсликува сите мои циклуси од последните четири години”, рече Стефанов, додавајќи дека колку што е изложбата ретроспективна исто толку таа е и нова, со нови работи.
Унгарскиот амбасадор во нашата земја Ласло Дукс информира дека публиката на 22-ри јуни ќе може да го проследи концертот на ромскиот фолклорен ансамбл “Рајко” на плоштадот “Карпошово востание”. Се работи за уметници кои со музика се занимаваат од рана возраст и имаат репертоар што опфаќа најразличен вид музика. На 14-ти јули во црквата “Рождество на Пресвета Богородица” во Скопје концерт ќе има машкиот камерен хор “Св. Ефраим”, кој е христијански хор. Предвидена е и презентација на два унгарски филма.
Глигоров потенцира дека затворањето на годинашново “Скопско лето” ќе биде со концерт на Ансамблот “Танец”, кој одбележува 70 години од своето постоење.
“Иако “Скопско лето” е во своите зрели години, останува свежо во духот, секогаш отворено за истражување и борбено”, нагласи Глигоров, кој изрази благодарност до Град Скопје и Министерството за култура. Организаторите апелираат да се следат социјалните мрежи, каде дополнително ќе бидат објавувани информации за сите настани и известувања доколку дојде до промена на локациите. Се подготвува и брошура во која ќе има текстови од учесници на “Скопско лето”, збогатена со фотографии.
