Вчера дечињата од детската градинка „Вера Циривири – Трена“ во Штип се вклучија во одбележувањето на манифестацијата „Пастрмалијада“. На креативна работилница, персоналот, воспитувачките и негувателките заедно со дечињата од сите групи правеа пастрмалии од различен материјал. Според директорката, Ивана Ангеличкова, ваквата активност е со цел да се зачува традицијата.

А истовремено, градоначалникот на општина Штип Иван Јорданов, ги покани сите граѓани на Штип, и околните места и градови, да бидат дел од овогодинешното 14-то издание на „Пастрмалијада“ каде освен вкусна и топла пастрмалија сите присутни после две годишна пауза ќе можат да уживаат во добрата забава, одличната музика и секако одличната подготвена храна.
„Започнува добропознатата манифестација „Пастрмалијада 2022“, којашто како традиција продолжува по две години пауза. На најдобар начин ќе го презентираме штипскиот бренд пастрмалија, ќе понудиме добра забава, добра програма за да анимираме гости од околните градови, од градот Скопје, да бидат присутни во Штип. Сите подготовки се веќе завршени, сѐ е спремно да започне најмасовната манифестација во Истокот. Ја користам оваа прилика да ги повикам нашите сограѓани да ја проследат оваа манифестација, да бидат дел од овој настан, затоа што нудиме добра забава и највкусна штипска пастрмалија“, порача Јорданов.


Вчера вечер програмата започна со настапот на DJ Bazz во 19 часот, по што следеше отворање на манифестацијата и обраќање на градоначалникот Иван Јорданов во 20 часот. Џиновската пастрмалија која и оваа година беше атракција беше пресечена по официјалното отворање на „Пастрмалијада“, а веднаш потоа музичката програма стартуваше со настапот на ДНК кој патем годинава го слават својот голем јубилеј 20 години на македонската музичка сцена. Веднаш по нив, околу 22 часот на сцената се појави Џамбо Агушев, присутните уживаа во неговиот настап и сето она што тој го може. А веднаш по Џамбо следуваше настапот вечерашната ѕвезда, Јелена Розга. Музичката програма вчера вечер заврши со настапот на DJ Tasev и DJ Goldie, кој траеше до раните утрински часови.
Програмата за овогодинешната штипска „Пастрмалијада“ продолжува денес, кога главна ѕвезда на вечерта е Тони Цетински.
