Од 17-ти до 19-ти јули, Прилеп повторно ќе биде домаќин на една од најпосетените летни манифестации во Македонија – „Пивофест“. Тридневниот фестивал ќе се одржи во центарот на градот и ќе понуди богата музичка програма, препознатлива прилепска скара, ладно пиво и незаборавна атмосфера за посетителите од земјава и странство.
Фестивалот ќе биде отворен во петок, 17-ти јули, со настапи на DJ, „Bongas & Guitares“, Огнен Здравковски и регионалната музичка ѕвезда Џенан Лончаревиќ. Во сабота, 18 јули, на сцената ќе настапат DJ, групата „Lockdown“, Јордан Митев и една од најпопуларните пејачки на Балканот, Милица Павловиќ. Завршната фестивалска вечер, на 19 јули, е резервирана за Марјан Коцев, прилепскиот состав „The Hounds“ и хрватската музичка ѕвезда Јелена Розга.

Покрај главната сцена, посетителите ќе можат да уживаат и во програмата на Камената бина, каде ќе се претстават домашни музичари, бендови и локални диџеи.
„Пивофест“ со години претставува еден од најзначајните туристички и забавни настани во Македонија, привлекувајќи десетици илјади посетители и придонесувајќи за промоција на Прилеп, неговата гастрономија, култура и препознатливи брендови. Организаторите најавуваат уште едно незаборавно фестивалско издание и ги покануваат сите љубители на добрата музика, дружбата и традиционалната прилепска скара да бидат дел од фестивалската атмосфера од 17-ти до 19-ти јули во Прилеп.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
