Како што дознава музичкиот портал Музика24, од 1-ви па се до 3-ти септември во градот под Марковите кули-Прилеп, ќе се прославува првиот т.н. „Prilep Beer Weekend“. Организатори на ова ново и прво издание на пивскиот викенд се Event System (Event Group/Sun Production). Како што дознаваме од Општина Прилеп, музички гости кои ќе настапат на овој т.н. „Prilep Beer Weekend“ ќе бидат: Аца Лукас, Тропико бенд, Hurricane… , тие го потврдиле своето учество, додека пак неофицијално се споменува дури и името на српската пејачка Тијана еМ позната низ народот како “жена од султана”.
Да не е комично ќе биде тажно. Годинава поради непрофесионалноста, неажурноста и незаинтересираноста од страна на Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески и неговата мрзелива и секогаш неинформирана администрација, минатогодишниот организатор пред нивни очи регистрира Здружение на граѓани и го заштити името на Фестивалот на пивото и скарата – „Пивофест“, со што барем сега-засега, после 18 години, никој повеќе ќе нема право во иднина да го користи ова име или да организира било каква манифестација под ова име.
„Пивофест“ кој што некогаш го паметиме, со многубројна публика, дружење, музички мега ѕвезди и многу забава, повеќе нема да постои!
Поради огромниот притисок на граѓаните и сакајќи да докажат дека сепак Прилеп нема да остане без музичко-пивска манифестација, Општина Прилеп откако неколку пати лиферуваше термини за одржување на настанот, истиот ќе се одржи но скратен за еден ден помалку и во време кога почнува учебната година, а речиси сите се подготвуваат за своите тековни работни и есенско-зимски домашни обврски.
И на крајот на краиштата се прашуваме чуму радоста и прославувањето т.н. јубилеј на манифестација која е новосоздадена и чија вредност е сведена на обична нула. Виновникот за сето ова што годинава свесно или не се случува со овој настан не треба да го бараме во нас или во некој од нашата околина, виновникот за сето ова признале ние или не, е Градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески и неговата администрација кои ќе бидат запишани во историјата на град Прилеп и Македонија дека токму во неговиот мандат и неговото владеење со градот „Пивофест“ заминува во историјата.
Ние од Музика24 стапивме во контакт со организаторите од Event Group/Sun Production кој за нашиот музички портал ексклузивно изјавија:
“Бидејќи од Општина Прилеп побараа помош од наша страна, годинава иако има навистина краток рок и се е така временски набиено, сепак, ќе се потрудиме да го вратиме сјајот на ваков тип на манифестација која некогаш имала големо значење во државата. Beer Weekend е наша франшиза која планираме да ја организираме во повеќе градови во државата освен во Прилеп, а зошто да не и надвор од нашата држава. Ова е прв ваков голем настан од ваков тип што ние го организираме, но се е тоа на барање на Општина Прилеп и се надеваме дека ќе успееме годинава да направиме се да биде во најдобар ред со оглед на тоа дека сепак временски сме ограничени. Новинарите секако ќе ги испочитуваме и секој акредитиран новинар што ќе дојде во градот Прилеп ќе биде биде почестен од наша страна со ладно пиво, а што се однесува до сместување поради минималната финансиската конструкција и краткото време на организација, сепак не ќе можеме да им излеземе во пресрет. Дали манифестација под името „Пивофест“ ќе се организира навистина не знаеме, сепак тоа треба да го прашате оној што го има заштитено името и франшизата за тој вид на манифестација. Наскоро ќе излеземе со целосната музичка програма која ќе биде претставена и презентирана на прес-конференција во Прилеп”, изјави за Музика24, Дарко кој е дел од организацијата на „Prilep Beer Weekend“.
