Најурбаниот скопски пивски фестивал – „Пиволенд“ кој ќе се оддржи по дванаесети пат, започнува на 21-ви септември, четврток и ќе трае до 23-ти септември, сабота. Оваа година локацијата на „Пиволенд“ ќе биде на паркингот пред спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Како и во минатото на „Пиволенд“, и оваа година ќе има разновидна палета на пива како од Македонија, така и од странство, исто така пријавени се голем број на учесници кои произведуваат занаетчиско или крафт пиво.
Музичката програма оваа година како по традиција е исполнета со различни стилови и жанрови за сите вкусови, а најголем простор и поддршка секако отстапен на македонски бендови и артисти.
Денес ќе објавиме само дел од музичката програма на главната бина на фестивалот, а комплетната програма ќе биде објавена во следните денови. Така на сцената додека уживаме со ладно пиво ќе ги слушаме и гледаме легендите на македонскиот поп-рок Ареа, Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд кои слават заедно со нас за првите 30, Дани Димитровска со својот бенд, ултра популарното рап дуо од Црна Гора – „Ху-Си“ („Who See“) познати како учесници на Евровизија пред неколку години и автори на големиот хит “Џе се купаш”, потоа македонските диџеи со светско реноме Cyrillic, најдобриот македонски реге бенд Конкверинг Лајон и ултра позитивните мајстори за добра забава Брас Брадрс.

Секако и оваа година како и во минатото ќе постои и втора сцена која годинава ќе го носи името “2BEER OR NOT 2BEER STAGE” каде простор и поддршка ќе се даде на млади бендови и артисти, но поткрепени со веќе еминентни имиња од алтернативната македонска музичка сцена.
Во петок на оваа сцена ќе има и голема прослава на македонскиот хип-хоп во склоп на светската прослава на 50 години хип-хоп со настапи во живо на дел од најеминентните македонски рап имиња.
Добра најава за подгревање на атмосферата пред неофицијалниот празник на Пивото во Скопје – „Пиволенд“ со слоганот кој повеќе од деценија ги радува скопјани и посетителите надвор од градот: „Дојди, Види, Испиј“.
